Загина португалски мотоциклист

Португалскиот мотоциклист Пауло Гонсалвес почина по несреќата која ја имаше на седмата етапа од најпознатото рели Дакар.

Искусниот, 40 годишен Гонсалвес доживеал несреќа на денешниот специјал од 276 километри по која за жал го загубил животот. Од организацијата ја потврдија трагичната вест и објавија повеќе детали за немилиот настан.

– Пауло Гонсалвес кој го возеше мотоциклот со бр.8 почина по падот кој му се случи на денешниот специјал од 276 километри. Организаторите примија повик во 10:08 часот, а хеликоптерот со медицинска помош го пронајде мотоциклистот без свест во 10:16 часот. По обидите да се спаси неговиот живот, натпреварувачот беше однесен во болница каде беше прогласен за мртов, -стои во дел од соопштението на Дакар.

Инаку, Гонсалвес беше искусен возач на мотоцикли на Дакар, натпреварување на кое земаше учество уште од 2006 година. Негов најдобар пласман беше во 2015 година кога заврши на втората позиција веднаш зад Марк Кома, а минатата година се откажа уште во петтата етапа.

Годинава беше на 46. место во генералниот поредок, а оваа ниска позиција ја доби поради фактот што во третата етапа се соочи со голем проблем кога му откажа моторот, па сред пустина мораше сам да го менува и да ја продолжи трката. Тогаш Гонсалвес од организаторите, но и од фановите на Дакар беше прогласен за херој.

Коментари

Популарно