ВИДЕО: Финале во ЕКС-СФРЈ, во кое Вардар беше буквално ограбен

Едно мајско попладне, година 1989, стадион на ЈНА во Белград, младинско финале на Југославија во кое се сретнаа Вардар и Вележ. Две силни екипи кои се бореа за големиот пехар во Купот на тогашната држава.

Тоа финале вардарци го паметат како финале во кое беа буквално ограбени. При резултат 0:0, топката дојде до вардарецот Метин Далип, кој од околу 27-28 метри испрати вистинска „бомба“ кон голот на мостарците. Топката заврши во голот, но судиите тоа не го видоа и не го признаа тој гол. Ова финале заврши со резултат 0:0, а по пеналите Вележ беше подобар и успеа да го освои големиот пехар.

За СПОРТМЕДИА, за тоа финале говори токму Метин Далип, стрелецот на тој прекрасен гол кој не беше признаен. Инаку Метин Далип во моментов е кондициски тренер во нашиот шампион, во тимот на Шкендија.

„Иако минаа повеќе од 30 години, јас се уште не можам да го прежалам тој меч. Навистина беше гол, убаво се гледа од видео снимката, но ете судбината не сакаше и јас и Вардар тогаш да се радуваме на пехарот. Видете, јас во тие моменти, додека траеше мечот, не бев свесен дека тоа беше навистина судиска кражба. Но по финалето кога се вративме во хотелот во Раковица, рецепционерите ми кажаа дека тогаш на РТБ во неколку наврати ја повторувале снимката и убаво се видело дека тоа било гол за Вардар. Штета, тоа ќе беше сигурно еден од моите најважни и најубави голови во кариерата“ се јадосува Далип, кој сега важи за еден од нашите најдобри кондициски тренери.

ИЛИЌ, ИЛЧО ЃОРЃИОСКИ, КАРАЏОВ, ГАНИУ…

И тогаш Вардар беше бренд, ја имаше најдобрата младинска екипа во Македонија, и една од најдобрите во екс СФРЈ.

„Тогаш не водеше Ванчо Трпевски како тренер. Имавме навистина добар тим, бевме добра генерација. Покрај мене тука беа Саша Илиќ, па Илчо Ѓорѓиоски, Ѓоко Ноевски, Ганиу, Караџов, Ефтимов, Кралев, Богоев, Кочовски, Глигоровски, Паневски, Велковски, Борче Христов, Ерол Демир но на тој меч не настапија Ѓорѓиоски, Христов и Демир. Инаку јас во Вардар дојдов од младинската екипа на Слога Ј, претходно бев во Тефејуз. Потоа кариерата ме носеше во Слога Ј, Скопје, Балкан, Гостивар. Сега сум кондициски тренер. Кога сме кај финалињата во тогашната екс СФРЈ ние во таа 1989 година имавме голем мотив да го повториме успехот на генерацијата на Дарко Панчев која неколку години пред нас го освои пехарот. Во 1988 бевме елиминирани од Осијек во 1/2 финалето, а во 1989 го минавме Осијек, во тој тим тогаш играа Игор Цвитановиќ и Ненад Бјелица, но затоа загубивме од Вележ во финалето, штета“, заврши Далип кој се присети на веројатно најголемиот грабеж, кој Вардар како клуб го доживеал во едно финале.

Извор: Спортмедиа

Коментари

Популарно