Корана вирусот остава трајни последици

Повеќе од две третини од пациентите излекувани од коронавирус кои биле хоспитализирани поради инфекција, имаат долготрајни симптоми и седум недели подоцна, покажува новото истражување.

Извештаите за таканаречениот „долг ковид“ станаа вообичаени низ целиот свет и сугерираат дека дури и ако вакцините можат да го забават ширењето на пандемијата, милиони може да живеат со трајни последици од овој вирус.

Истражувачи од Универзитетот во Лондон откриле дека 69 проценти од луѓето излекувани од коронавирус кои биле хоспитализирани за време на нивната болест, сè уште се чувствуваат уморни дури и 54 дена откако биле излекувани.

Многумина исто така пријавија дека продолжуваат тешко да дишат и да кашлаат. Ова е доказ, велат авторите на студијата, дека „долгиот ковид“ е многу реален феномен што може да ги оптеретува луѓето и здравствениот систем со месеци.

На светско ниво, 54 милиони луѓе имале или во моментов имаат коронавирус. Генерално, стапките на преживување се високи, но се повеќе луѓе тврдат дека се чувствуваат лошо откако се излечиле од вирусот.

Во новата студија, истражувачите следеле 384 пациенти кои биле отпуштени од болница по третманот за овој вирус.

Во просек, пациентите биле во болница шест дена, но 14 проценти морале да бидат префрлени на одделите за интензивна нега. Повеќето пациенти имале и рентген на градите по приемот во болницата. Над половина од испитаниците (56 проценти) имале рендгенски снимки кои биле „типични“ за пациенти со Ковид-19, односно била присутна пневмонија. Дури 30 проценти од нив покажале знаци на сериозна инфекција.

До отпуштањето, 62 проценти од пациентите имале нормална слика, а 27 проценти покажале значително подобрување. Сепак, девет проценти од пациентите имале полоши резултати и неколку недели по отпуштањето од болницата.

Вкупно 69 проценти од пациентите се чувствувале уморни и два месеци откако се разболеле, 34 проценти продолжиле да кашлаат, а 15 проценти од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат депресивно.

Меѓу пациентите чии рендгенски снимки на белите дробови покажале дека тие се всушност во полоша состојба отколку кога биле пуштени од болница, до 30 проценти имале концентрација на одредени протеини во крвта повисока од нормалната.

„Пациентите чија болест беше доволно сериозна и бараше болничка нега, честопати продолжуваат да страдаат од значителни симптоми дури и откако ќе бидат пуштени од болница“, рече д-р Свапна Мандал, професор на УЦЛ и главен автор на студијата.

– Разбирањето на „долгиот ковид“ е клучно за да им се помогне на луѓето кои го поминале ова животно искуство – рече друг од авторите на студијата, д-р Џон Харст.

Коментари

Популарно