Дали е ова лекот за ковид 19?

Според истражувањата на научниците од Велика Британија и Холандија  лекот за ревматоиден артритис „тоцилизумаб“ лекува сериозно заболени пациенти од Ковид-19,  пишува Би-би-си.

Научниците рекоа дека тоа е апсолутно неверојатен резултат, а лекот веќе не се ни тестира бидејќи тие се толку сигурни во неговата ефикасност. Сепак, прецизниот ефект врз преживувањето на пациентот по употребата на лекот сè уште се испитува.

Други експерти изјавија дека треба да се внимава сè додека не бидат објавени целосните податоци.

„Тоцилизумаб“ влијае на имунолошкиот состав, кој кај некои пациенти заразени од коронавирус премногу реагира, а таквата реакција, позната и како цитокинска бура, може да биде фатална.

Истражувањето беше насочено кон сериозно болни пациенти што требаше да се стават на апарати за дишење. Испитувањето на лекот е запрено пред два дена кога независните набљудувачи рекоа дека има многу докази од првите 303 пациенти, кои покажуваат дека лекот дејствува.

Сепак, толкувањето на податоците е исклучително сложено, наведува Би-би-си. Лекарите знаат дека лекот прави нешто, но ќе биде потребно време да се утврди дали спасува животи на пациенти или само го забрзува нивното закрепнување. Ќе бидат потребни неколку недели за правилна процена на податоците, кои сè уште не се официјално објавени.

Третманот со овој лек чини помеѓу 500 и 1.000 фунти и им се дава интравенски на пациенти заболени од коронавирус.

Извор: https://www.bbc.com/

Коментари

Популарно