(Фото+Видео) О'Нил и Баркли водеа емисија за НБА во патики на - македонски дизајнер

Патики со потписот на македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски добија водителите на „Инсајд НБА“, најпознатото кошаркарско шоу во САД, меѓу кои се и две големи легенди, Шекил О'Нил и Чарл Баркли.

Двајцата заедно со Кени Смит, поранешен бек на Хјустон рокитс и со Ерни Џонсон, единствениот вистински новинар меѓу нив, во една од последните емисии ги покажаа спортските обивки со нивните ликови и се заблагодарија за оригиналниот подарок.

„Голем поздрав од Атланта до Македонија и до Сатја Грабулоски. Неговата компанија е единствената во светот што изработува уникатни обувки, еве може да ги видиме овие за филмот 'Спејс Џем'. Прекрасна уметност. Еве има и за Кристијано Роналдо. И знаете што? Сатја направи еден пар и за нас“, рече водителот Ерни Џонсон, кој важи за најдобриот познавач на американската кошарка.

Патиките, за чија изработка се потрошени 155 часа, ќе бидат изложени во студиото на ТНТ во текот на целата сезона. Ликот на Шекил е инспириран од емисијата во која јадеше чипс со најлуто чили, за Баркли е избран моментот кога заспа на преносот во живо, Смит е нацртан со перика која ја носеше во една од емисиите, а за ликот на Ерни е користена слика од доделувањето на ЕМИ наградите, каде што ја освои статуетката за најдобра спортска емисија.

Коментари

Популарно