„Дрим-тим“ Србија ја демолираше и Канада за финале на Мундобаскетот!

Уште една феноменална партија, во „дрим-тим“ стил, на Србија за демолирање и на Канада во полуфиналето и пласман во финалето на Мундобаскетот 2023. Во уште една лекција на европската кошарка над НБА-кошарката, Србија со 95-86 ги совлада Канаѓаните за место во финалето.

Од самиот почеток на полуфиналната пресметка беше очигледно дека избраниците на Светислав Пешиќ, а водени од неверојатниот Богдан Богдановиќ, се цврсто решени да ја продолжат доминацијата на шампионатот.

По поведувањето со 8-1 а потоа добиената прва четвртина со 23-15 беше јасно дека се чекори на победничкиот пат. Со извонредна одбрана и запрени најголемите ѕвезди на Канада, се дојде до предност и од 52-39 на полувремето.

Во вториот дел се продолжи во ист сил, па Србија имаше и 17 поени предност во еден момент на крилјата на Богдановиќ, Милутинов, Добриќ, Амановиќ… за на крај да се почувствува тоталната немоќ на Канаѓаните кои на крај само успеаја да го ублажат поразот за 95-86.

Феноменалниот Богдан Богдановиќ со 23 поени и четири асистенции ја водеше Србија до триумфот, а Добриќ заврши со 16 поени. Берет беше најдобар кај Канада со 23 поени.

Во финалето Србија ќе се соочи со подобриот од втората полуфинална пресметка меѓу САД и Германија.

Коментари

Популарно