Заврши договорот на Милевски, Македонија од денеска е без селектор

До 1 декември беше активниот договор на Благоја Милевски на функцијаа селектор на фудбалската репрезентација на Македонија. Тоа значи дека од денеска нашиот национален тим и официјално нема селектор, затоа што истече она што тренерот и федерацијата го имаа потпишано на хартија за обострана соработка.

Благоја Милевски дојде на функцијата селектор на Македонија по ЕП, кога истече договорот на тогашниот селектор, Игор Ангеловски. Милевски и ФФМ имаа договор со месечна обврска на федерацијата кон тренерот за сума од 7.000 евра. Според најавите и според одлуката на УО на ФФМ, деновиве треба да се договорат новите детали за новиот договор со исти услови кои ќе му биде понуден на Благоја Милевски.

„СпортСпорт“ дознава дека Милевски ќе добие двегодишен договор, но истиот ќе биде условен со пласманот во следниот циклус од Лигата на нации, кој се игра од септември 2024 година.

Немањето други алтернативи, огромната сума која ја бараат странците и големата престојна пауза се причините поради кои Милевски ќе добие нов договор и ќе остане на функцијата, иако зад себе има неуспешни настапи во Лигата на нации и квалификациите за ЕП 2024, во кои моравме да бидеме подобри иако групата беше претешка.

Се чека ФФМ и Милевски деновиве да го потврдат новиот договор за продолжување на соработката.

Коментари

Популарно