Откако „Портал икс“ вчера објави видео снимка, најверојатно од безбедносна камера“ на која се регистрираат дека двете возила „ситроен“ и „рено канго“ во населбата Визбегово, „Дојче Веле“ сега поставува дилема околу мотивите за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Во интерес на истрагата, од ОЈО не соопштуваат дали извештаите на Судска медицина по обдукцијата - за времето на убиствата, и начинот на кој се извршени - го потврдуваат она што во исказите го навеле дел од осомничените.
Доколку на снимката прикажана од „Портал икс“ е веродостојно времето во кое е регистрирано движењето на двете возила низ Визбегово, тоа е 40 минути пред мајката на Вања Ѓорчевска да го пријави нејзиното исчезнување (8 и 35 часот), тоа индицира дека рутата на грабнувачите кон селото Бразда била однапред договoрена. Односно, дека не се должела на можна паника создадена кај нив од сензибилизирање на јавноста по јавно објавена информација за исчезнување на детето, бидејќи во тој момент таква информација во јавноста сѐ уште немало.
Во однос на мотивите за грабнувањето на Вања, се чини дека Обвинителството допрва ќе има работа, бидејќи за нејзиното убиство не се врзува првично презентираниот мотив „користољубие“. Кога ОЈО Скопје соопшти дека донело Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, во соопштението четворицата од нив ги наведе „како соизвршители кои сториле две кривични дела- грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие)", пишува „Дојче Веле“.
„Ако само едното убиството е извршено од користољубие, тогаш кои биле мотивите за другото? Зошто била избрана токму Вања, ако нејзините родители не биле изложени на изнуда?“, се дилемите на медиумот кој вели дека од ОЈО засега нема одговор на тоа прашање.
Во моментов се истражува вистинитоста на тврдењата на двете лица кои во различни денови го превезувале првоосомничениот - во првиот случај до Белград, а во вториот од Србија низ Бугарија до Турција. И двајцата тврделе дека во моментот кога му помагале на Палевски да стигне до бараната дестинација, не знаеле дека тој е осомничен за два случаја на грабнување и убиство. Но, одредени комуникации кои се случиле во критичните денови додека патувале заедно со него, треба да откријат дали тие ја говорат вистината.