Кристофер Мекдоналд, еден од актерите во спортската комедија „Happy Gilmore“ од 1996 година, откри дека популарната комедија наскоро би можела да добие продолжение, пишува „The Hollywood Reporter“.

Мекдоналд, кој во филмот го играше негативецот Шутер МекГавин, во интервју за радио емисијата „92.3 The Fan“ изјави дека Сендлер неодамна му покажал нацрт на сценариото за „Happy Gilmore 2“.
„Го видов Адам пред две недели и ми рече: ‘Мекдоналд, ќе ти се допадне ова’“, се присетил актерот. „Ми го покажа првиот нацрт на сценариото за „Happy Gilmore 2“. Помислив: ‘Леле, ова може да биде одлично’. Така што во моментов се работи на тоа“.
Во оригиналниот филм, Сендлер го играше неуспешниот хокеар Хепи Гилмор, кој станува сензација во светот на голфот со помош на поранешниот професионален играч на голф Чабс (Карл Ведерс). Сценариото за филмот го напишаа Сендлер и Тим Херлихи.
„Happy Gilmore“ ги подели критичарите, но беше успешен на киноблагајните. Тој заработил дури 41 милион долари, што во денешно време би изнесувало некаде околу 80 милиони долари.
Сè уште не е познато дали „Netflix“ ќе работи на продолжението на комедијата бидејќи Сендлер пред 4 години го обнови својот договор со стриминг платформата.