Виенската полиција се вклучи во потрагата по Данка: ги истражуваат тврдењата дека била забележана во Австрија

Полицијата во Виена се огласи откако се појави видео снимено во тој австриски град, на кое се гледа девојче кое личи на Данка Илиќ – двегодишното дете по кое шест дена се трага во Србија.

Како што соопшти портпаролот, целиот случај сега е предмет на истрага на виенската полиција.

Се започнало кога српски државјанин во центарот на Виена снимил девојче кое изгледа како исчезнатото дете од Бор, наводно во друштво на две Романки. Видеото и го испратил на српската полиција, која веднаш стапила во контакт со нивните колеги од австриската престолнина, пишуваат локалните медиуми. Српската полиција ги проследила податоците до Европол, додека нивните колеги во Виена побарале од граѓаните доколку имаат информации за девојчето Данка Илиќ да пријават во полиција.

„Сведокот беше сослушан и видеото што го сними човекот беше обезбедено. Мажот за случајот дознал преку социјалните мрежи. Точните околности, особено дали се работи за исчезнатото девојче, се предмет на истрага која е во тек“, вели Маркус Дитрих, портпарол на виенската полиција, а пренесува „Клајн цајтунг“.

Двегодишното девојче последен пат е видено во 01:45 часот во вторникот попладне во Бањско Поље кај Бор во Србија.

Данка Илиќ има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Во моментот на исчезнувањето таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони, црни патики и коса врзана во опавче.

Коментари

Популарно