Еве колку изнесува минималниот износ за К-15 која газдите мораат да ја исплатат до 31 декември

Компаниите добиваат зелено светло од 1 јули да исплаќаат К-15 за 2024 година, а законската обврска на работодавачите е да го исплатат до 31 декември.

Најмалиот износ што треба да легне на сметките е околу 16.000 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето плата во Македонија – 39.771 статистички просек за периодот јануари-март годинава.

Доколку фирмите го исплатуваат подоцна од 1 јули, износот може да биде и поголем, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата.

Единствениот услов работникот да добие регрес е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата и, секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека ќе исплаќаат К-15 до 40.000 денари.

Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. 

Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат. Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор. 

Инаку, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто.

Коментари

Популарно