Србија испадна од ЕП, историски успех на Словенија

Здодевни натпревари кои завршија без победник понуди последното коло во Ц групата на Европското првенство. Англија ја освои групата со пет бода, Данска и Словенија освоија по три, а Србија со два бода го заврши турнирот. Данска и Словенија освоија ист број на бодови, имаат гол рзлика, но Данците добија помалку жолти картони. Инаку резултатите во оваа група ја елиминираа Хрватска од Европското првенство.

Кукавичката, дефанзивната определба со шест играчи во редот на врска, ја чинеше Србија место во Топ 16 фазата. Данците во првото полувреме константно ја имаа топката кај себе, имаа неколку обиди, кои Рајковиќ без многу мака ги скроти. Во првиот дел Србите немаа удар кон голот на противникот.

Српскиот селектор на полувреме направи две измени, со што играта на неговиот тим тргна решително кон голот на Шмајхел. Постигнаа Србите гол, кој беше поништен поради минималниот офсајд во кој беше Јовиќ.

Данците во вториот дел не ризикуваа, знаејќи дека и со еден бод се во нокаут фазата. Примарно за скандинавската селекција беше да ги затвори приодите кон својот гол.

Во последните десет минути Србија имаше две добри шанси, Митровиќ шутираше крај голот, а ударот на Милинковиќ-Савиќ беше премногу слаб за да го изненади Шмајхел.

Англија, фаворитот за титулата, барем според букмејкерите, уште еднаш разочара. Одиграа избраниците на Герет Саутгејт уште еден анемичен натпревар. Англичаните 80 отсто од времето ја имаа топката кај себе, но не створија ниту една шанса пред голот на Облак.

Коментари

Популарно