Ова е уште еден апсурден случај во нашето судство. Имено на 26.05.2021 година во Штип во семејниот дом обвинетиот Е.Д по претходна вербална расправија ја нападнал сопругата Ѓ.Д. при што започнал да ја удира со тупаници и клоци при што и нанел контузија на глава, набиеница во предел на слабински дел и набиеница на лев лакт- вака пишува во воведот на Штипскиот суд.

Обвинителството во овој случај сметало дека нема доволно елементи за затворска казна и затоа при подигнување на обвинителниот акт до судот предлага условна казна во траење од 3 месеци. Судот ваквиот предлог на обвинителството веднаш го прифаќа и судењето завршува во речиси рекорден рок од само 4 месеци од моментот на поднесување обвинение до моментот на пресуда. Да биде иронијата поголема судот во овој случај досудува оштета од верувале или не од само 2500 денари.
Во образложение на пресудата судот ќе напише:
„Од доказите приложени кон предлогот за издавање казнен налог, а пред се од извршен увид во записник за примање на пријава бр.22.28.5.1- 358 од 26.05.2021 година, ЦД со фотодокументација и 2 извештаи на специјалист - субспецијалист од 26.05.2021 година на ЈЗУ Клиничка болница Ш. на име Ѓ.Д. од Ш“., што значи дека и покрај видливите повреди на неговата сопруга од крвничкото тепање сепак судските власти се решаваат на алтернативна мерка.
Дополнително како образложение зошто на обвинетиот му се дава ваков вид на казна судот ќе напише:
„При изрекувањето на алтернативната мерка - условна осуда, судот имаше во предвид да се работи за лице против кое не се води друга кривична постапка, па судот смета дека во конкретниот случај со изречената условна осуда на обвинетиот со која му утврди казна затвор во траење од три месеци, која казна нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година не стори ново кривично дело ќе се оствари правдата и може да се очекува дека со самото предупредување со закана на казна доволно ќе влијае врз обвинетиот повеќе да не врши кривични дела, а воедно и воспитно ќе се влијае врз другите исто така да не вршат кривични дела“.
Последната реченица на судот делува иронично со оглед дека ваквиот тип на престапи кон жените во последно време во Македонија е во рапиден пораст. Условните казни не само што не влијаат врз другите да не вршат кривични дела туку и ги стимулираат истите да поттикнат нови знаејќи дека обвинителските и судските власти во Македонија не ги казнуваат со драконски мерки.