Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска имаше работна средба со овоштарите и земјоделците од Делчево, Берово и Пехчево. Основната тема на разговорите беше пласманот и откупот на сливите од годинашната реколта, која се проценува на околу 2500 тони за овие три општини.

„За жал, родот е во лоша состојба, бидејќи имаше на почеток на годината град, а за тоа придонесе и топлото време, едноставно целава слива што се очекува ќе биде претежно намената за индустрија. Она што јас им го пренесов на земјоделците е дека како Министерство сме во сериозни преговори за еден откупувач од соседна Србија, кој што ќе откупи голема количина на слива од овој регион и дополнителни откупувачи за целата количина од 2500 тони, да се откупи родот, да не ни остане дома“, рече Трипуновски.
Министерот кажа дека како Влада нема да ги остават земјоделците сами на себе и дека ќе им ги компезираат загубите што ги имаат.
„Напротив како Влада ќе интервенираме со дополнителна мерка, за да ја компензираме загубата која што тие ја претрпеле. Ако вкупната цена на сливата оваа година се движи од 9 до 10 денари за кг, ние како Министерство како Влада сме спремни да доплатиме разликата до 14 односно 15 денари се со цел земјоделците да бидат задоволни и оваа мерка која што веќе на некој од наредните седници на Влада ќе ја поминеме како витална мерка ќе биде исплатена од интервентниот фонд веднаш по завршувањето на бербата“, додаде министерот.
Министерот Трипуновски најави дека земјоделците ќе ги примат парите во рок од десетина дена по завршувањето на бербата, за да се покријат трошоците и да послужат како стимул за следната година. Исто така, за 2025 година, тој најави финансирање на изградба на дестилерии и преработувачки капацитети, со цел да се обезбеди долгорочно решение на проблемите, наместо привремени решенија од година во година.