Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ќе се сретне со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, информираше Владата.

„Денеска во 15:30 часот, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски заедно со Министерот за локална самоуправа Златко Перински ќе остварат средба со Данела Арсовска, Градоначалник на Град Скопје во просториите на Владата“, се наведува во соопштението.
Оваа средба доаѓа откако Мицкоски кажа не му е проблем да се сретне со Арсовска ако тоа е во интерес на граѓаните. Веднаш потоа преку соопштението од Град Скопје го повикаа Мицкоски да го одреди датумот, местото и темите за разговор какои форматот на состанокот.
Во меѓувреме на иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во општината Кисела Вода се одржа координативен состанок со скопските градоначалници, на кој едногласно беше одлучено да се предложи до Владата и Министерството за животна средина одземање на ингеренциите од јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.
Министерот Перински изјави дека ги разбира барањата на скопските градоначалници и се согласува со нивниот став.
„Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Чекорот преземен од градоначалниците е сублимат од гневот на граѓаните, кои секојдневно се обраќаат до нив“, кажа министерот за локална самоуправа, Перински.