Брзата помош не сакала да дојде да му укаже помош на мажот што почина на клупа во Аеродром

Скопје инфо како и многу други медиуми на 22 јули објавија вест за пронајдено починато машко лице на клупа во скопски Аеродром. Овој настан беше запишан и во билтенот на МВР. Таму го пишуваше следново:

„Вчера во 13.34 часот во СВР Скопје било пријавено дека на клупа пред зграда на подрачјето на општина Аеродром бил пронајден починат Т.М.(44) од Пробиштип, со престој во Скопје.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција“.

Но семејството на починатиот не се согласува со официјалното соопштение на МВР и прстот директно го вперуваат во брзата помош. Тие велат дека 2 дена никој од брзата помош не сакале да дојдат и да му пружат било каква нега.

„На брат ми не му било добро во петокот каде повикале брза помош. Тие не сакале да дојдат. Во саботата пак викнале и тогаш не сакале да дојдат. Во неделата му се слошило и тогаш тој ги повикал комшиката и пријателот кои повторно повикале брза помош кои повторно одбиле да дојдат со изговор дека ако бил паднат надвор ќе дојдат, ако е дома тогаш треба некој да го донесе до болница“, вели сестрата на починатиот Т.М.

Таа додава дека откако станало јасно дека никој од брзата помош нема да дојде тогаш пријателот решил дека треба да однесат до болница. Тие почнале да го симуваат по скалите каде уште повеќе му се слошило при што повторно повикале брза помош каде овој пат било предоцна.

„Тогаш пријателот ја земал колата од дома се вратил и почнале да го симнуваат по скалите каде му станало уште полошо. Го симнале доле на клупа, се јавиле на брзата помош каде кажале дека е надвор и дека умира. Тие тогаш се согласиле да дојдат кога веќе бил надвор, но дошле кога за жал веќе било предоцна и тој починал. Не знам дали имаат тие жал од брзата помош, дали чувствуваат грижа на совест и дали се запрашаа зошто не дојдовме кога не повикаа можеби ќе спасевме еден млад живот“ посочи сестрата.

Коментари

Популарно