Четврт месец по ред се намалува бројот на патници на Скопскиот аеродром

Во јули е намален бројот на патници на Скопскиот аеродром. Трендот на намален број патници продолжува четврти месец по ред. Во јули, Скопскиот аеродром имаше 296.861 патник, што е намалување од 5,5 отсто во споредба со истиот месец лани.

Како што објави специјализираната веб страна за авиособраќај Ексјуавиејшн ова намалување најмногу се должи на намалувањата на капацитетот и мрежата на Визер, поради проблемите со моторите на авионите од линијата 320 на Ербас. Во јули, Визер го намали својот капацитет на Скопскиот аеродром за 12,4 отсто.

Минатата година, унгарскиот нискобуџетен превозник во базата во Скопје во летната сезона имаше стационирано пет авиони од типот од типот „А321“, со капацитет од 230 седишта, а оваа година од Скопје се лета само со помалите „А320“ со 180 седишта. Поради проблемите со новата генерација од авионите на „ербас320-321 нео“, годинава во Скопје не беше донесен и уште еден авион, како што претходно беше планирано. Летово „Визер“ во скопската база има пет авиони, а беше планирано да има шест.

Во јули, од вкупно 296.861 патник, на Визер отпаѓаат 164.182, што претставува удел од 55 отсто.

Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека ќе го зголемуваат износот на субвенцијата по патник од 7 евра по патник од Скопскиот аеродром на 9 евра, а од 4,5 евра по патник од Охридскиот аеродром на 12 евра.

Тој соопшти дека Владата ги сменила условите и критериумите за субвенционирање на авиопревозниците кои, се очекува следната година, да донесат нови 200.000 патници во земјава. Новите услови и критериуми ќе бидат применети од новиот повик за поддршка на авиопревозниците од македонските аеродроми кој ќе биде објавен следната недела, а ќе се однесува за периодот 2025 – 2027 година.

Министерот појасни дека овие мерки се донесени за да се подобри воздушниот сообраќај, како и да се зголеми туризмот во земјава.

Коментари

Популарно