Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски апелира до сите граѓани кои имаат возачки дозволи со старото име на државава да пристапат кон обновување на истата. Тој посочи дека старите возачки ќе важат до крајот на оваа година.
„Досега се издадени 750 000 возачки дозволи со новото уставно име. Потребно е да се издадат уште околу милион возачки дозволи со новото име.Ги замолувам во наредниот период од неколку месеци сите оние кои имаат возачки дозволи со старото име да пристапат кон обновување на истата, затоа што согласно измените на законот, старите возачки дозволи ќе важат до крајот на оваа година“, рече Тошковски.
Министерот информираше и дека издавањето на лични документи е вратено во нормала.
„Од оваа недела натаму секој граѓанин кој што ќе поднесе барање за да се стекне со нова патна исправа, возачка дозвола, лична карта, ќе може да ги оствари во рамки на законското право во рок од 15 дена“, посочи тој.
На прашањето дали ќе се зголемат капацитетите од аспект на машини за изработка доколку во иднина настане слична ситуација, тој одговори дека работат на трајно решавање на проблемот.
„За разлика од тие претходно, ние решаваме проблеми и гледаме колку што е можно да ја поедноставиме целата постапка, не само во однос на лични документи, туку во однос на секое право кое што има да го стекне македонскиот граѓанин. Во иднина ќе се фокусираме на развластување од аспект на дискрециони права, сето она што го говориме за дигитализација во рамки на работењето на МВР ќе биде насочено исклучиво во таа насока“, рече Тошковски.
Дополни дека пунктот „Пролет“ ќе се користи одреден временски период потребен за реновирање на просториите во Македонската радио телевизија кое, како што рече, ќе започне за месец и половина.
„Целта е да создадеме нормални услови за работа на полициските службеници и нормални услови каде што на граѓаните нема да им е срам да пристапат кон одредени објекти“, дополни министерот.