Рано утринава на Клиниката за детски болести во Клинички центар ,,Мајка Тереза” во Скопје, починало 14-месечно женско бебе, дознава ,,Слободен печат”.
Од извори на „СП“ се дознало дека пред да го примат бебето во Клиника тоа неколку пати е одбивано за хоспитализација. Родителите на крај го однеле во Клиниката Козле, од каде состојбата му се влошила и дури тогаш било примено во одделението за интензивна нега на Детската Клиника. Тоа за Слободен печат, освен дел од вработените, го потврди и таткото на починатото девојче, Р.С.
Таткото вели дека поседува видео снимка од доктор која ја снимил ноќеска во Детската Клиника, на која го прашува докторот дали за неговото дете имало спас, доколку било навремено хоспитализирано, на што докторот му дал потврден одговор. Таткото бил исклучително вознемирен и како што и самиот ни кажа, утринава го скршил компјутерот со глава на Детската Клиника после што дошла и полиција. Според неговите зборови наишол на разбирање од полициските службеници, бидејќи и тие прашале зошто бебето навремено не било хоспитализирано.
Таткото во телефонски разговор со Слободен печат додаде дека телото на бебето е дадено на обдукција и дека по судски пат ќе ги гони одговорните за оваа трагедија. Извори од клиниката неофицијално велат дека бебето било примено силно тахикардично, со 70 проценти сатурација, а дадената дијагноза била бронхолитис, односно бронхопневмонија масива.
Тој додава дека кога ќе заврши обдукцијата ќе поведе правна постапка.