Скопје наскоро добива нов парк со површина од 86 000 метри квадратни

Продолжуваат градежните работи на новиот мега-парк во општина Карпош, зелен појас што ќе се простира на површина од 86.000 метри квадратни, информираа неодамна од Град Скопје.

Оттаму не соопштија кога воопшто почнала изградбата на овој парк ниту на кој точно простор ќе се протега, но тврдат дека се уредува и се чисти запуштениот простор, кој беше непристапен и обраснат, а сега прераснува во парк „со чија реализација како проект и дел од програмата ‘За модерно Скопје’, делуваме со цел долгорочно унапредување, заштита и зачувување на животната средина“.

Проектот опфаќа изградба на пешачки патеки, паркинг за посетителите, нова урбана опрема, а планирани се и паркови за миленици. Овие елементи не само што ќе го подобрат изгледот на просторот, туку и ќе поттикнат активен начин на живот и дружење помеѓу жителите. Паркот ќе се протега од новиот мост во Влае до новиот жолт пешачки мост, опфаќајќи површина од 86.000 метри квадратни, и ветува да стане важен дел од зелената инфраструктура на градот.

Секој нов парк или зелена површина е значајно додадена вредност за општеството, но потребно е континуирано вложување и грижа за овие простори, за да тие навистина станат места за одмор и уживање, а не само дел од програмите на градските власти. Како и секоја иницијатива, успехот на овој проект ќе зависи од тоа колку локалната самоуправа и самите граѓани ќе се посветат на неговото одржување и развој.

Коментари

Популарно