По 17 дена борба, почина 23-годишната Ања - извлечена од урнатините по падот на дел од настрешницата во Нови Сад

По 17 дена борба, во КЦ „Војводина“ почина 23-годишната Ања Радоњиќ од Параќин.

Ања е извлечена од урнатините по падот на нереконструираниот дел од настрешницата во Нови Сад.

Имала внатрешно крварење, раката и била ампутирана и била приклучена на дијализа. Семејството и нејзиното момче деноноќно биле во болница и се молеле за нејзино оздравување, пренесува српски Информер.

Нејзиното момче беше сведок на овој трагичен настан. Имено, двајцата разговарале на телефон додека таа излегувала од станицата во Нови Сад, а потоа на само неколку метри од него се случила трагедија.

– На сите им е тешко, а тој, како што рече, бил на неколку метри од неа. Ја чекаше да излезе од железничката станица. Во моментот кога се случила несреќата, кога паднала настрешницата, двајцата разговарале на телефон… Тој гледал се, секој момент, изјави роднина на Ања.

Ања била студентка на Филолошкиот факултет во Белград, студирала кинески.

Семејството и пријателите се збогуваат со неа на социјалните мрежи.

Информацијата дека Ања Радоњиќ починала ја потврди в.д директор на Клиничкиот центар „Војводина“, Весна Туркулов.

– Се работи за пациент со најтешки повреди. Петнаесеттата жртва во несреќата што се случи во Нови Сад на 1 ноември. И покрај борбата и напорите на лекарите, дојде до смртен исход. Во името на сите вработени во КЦВ сакам уште еднаш да изразам најдлабоко сочувство до семејството и благодарност до лекарите кои дадоа се од себе, рече Туркулов.

Коментари

Популарно