Опомена до министерот Минчев, не го користел албанскиот јазик во соопштенијата

Инспекторатот за употреба на јазиците упати предупредување до министерот за јавна администрација, Горан Минчев, пренесува Алсат телевизија.

Според соопштението објавено од Инспекторатот, инспекторите извршиле вонреден надзор во министерството и утврдиле дека не комуницира со медиумите на два јазика, а соопштенијата на веб-страницата ги објавува само на македонски јазик.

Според Инспекторатот, Министерството постапило спротивно на член 1 став 2 и 3, член 2 став 3 и во однос на член 6 став 4 од Законот за употреба на јазиците. Со ова, Министерството ги прекршува главните одредби со кои се регулира службената употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Северна Македонија, во државните институции, а тоа е албанскиот јазик.

За прекршување на овие одредби, Законот за употреба на јазиците предвидува дури и глоби до 5.000 евра за институцијата, а за службеното и одговорното лице во висина од 30% од утврдената глоба.

Од Инспекторатот велат дека се известени од Министерството за администрација дека подготвуваат нова веб-страница, во овој случај Инспекторатот предложил новата веб-страница да биде и на албански и на македонски јазик.

Инспекторатот му дал рок на министерот Минчев да ги отстрани констатираните неправилности и недостатоци, но во соопштението на Инспекторатот не е навдено до кога е овој рок.

Од усвојувањето на законот за употреба на јазиците во 2019 година, и покрај стотиците констатирани прекршоци, не се изречени казни.

Коментари

Популарно