Ѓорѓи Галетановски најави тужби, вели дека документацијата за ЗОО му била отворена незаконски

Ѓорѓи Галетановски, кој беше единствениот пријавен на конкурсот за директор на ЗOO Скопје, најави кривична пријава за зоолошката и Град Скопје, бидејќи не биле испочитувани роковите, а документацијата не му била вратена.

„По поднесување на целокупна документација од моја страна и по оглас кој е отворен до 14.08.2024 година, jaс сеуште немав официјален одговор. Законот вели дека доколку не се се спроведе огласот, како што беше случај, документацијата доставена не смее да биде отворена, туку веднаш вратена до мене“, вели Галетановски.

Тој во реакција до медиумите наведе дека еднаш отишол на лице место за да си ги побара назад документите, но не сакале да му ги вратат и му рекле дека не смеат да ги отворат и ќе го известат преку електронска пошта. После месец дена, вели Галетановски,  сепак ги отвориле на своја рака и го известиле дека му ги испратиле назад, наместо да го повикаат да си ги подигне.

„Ми ги испратиле по пошта, а до денес документите не ми се стигнати, односно не знам дали се испратени и каде ми се сите оригинални документи. Бидејќи мојата документација е отворена, неовластено и незаконски без управен одбор и воедно моите лични податоци се злоупотребени, прво ќе пријавам во ДЗЛП, а по нивен одговор, ќе поднесам кривична пријава до ЗОО и до вработените во администрација кои ги отвориле документите“, вели поранешниот директор.

Најави дека ќе пушти тужба и за надомест на штета, поради повреда на правото на заштита на личните податоци, губење на документи и злоупотреба на лични податоци од неовластени лица, имајќи во предвид дека и Град Скопје и ЗОО се одговорни при спроведување на постапка за избор и доколку ја добие, средствата ќе ги донира на сметката на вработените на ЗОО Скопје. 

Коментари

Популарно