. Зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, но со студени бранови и загаден воздух

Зимата што претстои се очекува да биде за околу еден степен потопла од повеќегодишниот просек, но со повремени студени бранови и изразена временска променливост, покажуваат најновите климатски очекувања. Според анализата на професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски, не се прогнозираат долготрајни екстремни студови, туку претежно умерено топло и динамично време.

Студени периоди со температури под нормалата се најавуваат од крајот на декември до средината на јануари, како и кон крајот на февруари. Во Скопје и Штип средните зимски температури ќе се движат меѓу 1 и 4 Целзиусови степени, додека на планините од 0 до -3 степени.

Според анализата, бројот на мразни денови ќе изнесува од 30 до 55 во низините и од 60 до 75 на планините. Ледените денови ќе бидат релативно ретки во низинските предели (од 5 до 15), но значително почести на планините, каде се очекуваат од 25 до 40 такви денови.

„Студени бранови со температури околу или под нормалните се најверојатни кон крајот на декември до средината на јануари и повторно кон крајот на февруари, но без сигнали за долготрајни или екстремни зимски студови“, наведуваат Спиридонов и Милевски.

Професорите предупредуваат и на зголемен ризик од магла и температурни инверзии во периоди со стабилно антициклонално време. Во вакви услови се очекува значително влошување на квалитетот на воздухот, особено во Скопската, Полошката и Струмичката котлина.

„Во целина, зимата 2025–2026 ќе биде потопла од просекот, динамична и со изразени краткотрајни зимски настани. Главните ризици ќе произлегуваат од временската променливост, кратките интензивни врнежни епизоди, снежните бури во планините и епизодите со многу лош квалитет на воздухот во котлините“, оценуваат климатолозите.

Коментари

Популарно