Села: Заев ми понуди да го заменам Ахмети, но одбив- „Алијанса“ сама ќе ја подеди ДУИ овојпат

Алијанса за Албанците ќе победи на следните избори и ќе биде дел од новата Влада, рече вечерва во емисијата „Што не е јасно?“ лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села.

Според него неправедно е што вчера на маса кај претседателот Стево Пендаровски немало претставници од другите малцинства во земјава, ама вети дека нивната изборна програма ќе била посветена на проблемите на сите граѓани на ова општество.

-Нема да се случи тоа што се случи во 2016 година. Албанците гласаа за СДСМ во тоа време, но тие гласови беа за да падне ДУИ. Правда нема, ама се надевам дека ќе има мир. Алијанса за Албанците сама ќе ја победи ДУИ овој пат. Ќе коалицираме со таа партија која ќе ја прифати програмата и нашата политичка платформа. Нашата програма ќе биде економска, развојна и ќе ги тангира сите проблеми на граѓаните на ова општество. Ние сме свесни дека нема да добиеме 50 пратенници, и јас нема да бидам мандатар, но ќе застанам рамо до рамо со онаа партија која ќе ја прифати нашата програма, порачува Села.

На прашање дали Заев пред извесно време му понудил да го замени Ахмети и Алијансата да стане дел од власта, Села потврди.

-Точно е до негде. Не сакам да се враќам на таа слика. Тоа наликуваше на владеењето на Груевски. Тој имаше албански коалиционен партнер во власта, ама секогаш го уценуваше дека надвор чека другата албанска партија пред врата и чека да влезе. Понудата на Заев наликуваше на стариот премиер, вели лидерот на Алијанса. Додаде дека остоењето на СЈО било со цел политички прогон на една политичка партија.

- Се сведе на гонење на ВМРО ДПМНЕ, иако во прислушуваните материјали имаше разговори и на челници од ДУИ. Заев кога беше во опозиција велеше дека исто така се инкриминирани овие албански политичари. Ама видовме дека процесите против нив никогаш не почнаа, нагласува Села.

Коментари

Популарно