На патот Крива Паланка – ГП Деве Баир да се управува внимателно, се работи на патот и има одрони

ЈП Македонијапат соопшти дека на магистралниот пат А2 Крива Паланка – ГП Деве Баир поради работи на патот и позачестени одрони треба крајно внимателно да се управува со возилата за своја и за општа безбедност.

На одредени места, се наведува во соопштението, е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Жена се обидела да прошверцува цигари вредни половина милион динари, фатена на „Прешево“

Патничка се обидела да прошверцува над 1.700 кутии цигари во автобус од Северна Македонија за Австрија на граничниот премин Прешево-Табановце, соопшти денеска Царинската управа на Србија.

Цариниците го откриле прекршокот на 16. март во соработка со полицијата. Патничката се обидела во нејзините чанти да прошверцува цигари вредни половина милион динари.

Случајот бил откриен кога автобус кој сообраќал од Северна Македонија кон Австрија бил издвоен за детален преглед на влез во Србија.

Иако возачите и патниците претходно изјавиле дека носат само личен багаж, при контролата во просторот за багаж биле пронајдени три големи торби полни само со цигари.

Во торбите, за кои една од патничките се пријавила дека е сопственик биле пронајдени 1.730 кутии цигари „Честерфилд“ со акцизни маркички од Северна Македонија,.

Цигарите, чија вредност се проценува на речиси половина милион динари, со судска одлука се трајно одземени, додека за сторен прекршок на патничката и е изречена парична казна.

Нови цени на горивата од полноќ

Цената на дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се намалува за половина денар за литар, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поскапува за половина, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за еден денар за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,13 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) е 76 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе се продава за 83, а ЕУРОСУПЕР БС - 98 за 85,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и останува 75 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,222 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 43,797 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,891 отсто, кај дизелот за 0,594, кај екстра лесното масло за 0,566 и кај мазутот за 0,314 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,817 отсто.

Популарно