МИРНО ВО ПЕНЗИЈА - законот е донесен, докупете си го стажот

Сите оние кои наполниле 65 години, а немаат 15 години работен стаж поради неплатени придонеси, ќе можат да ги откупат тие години од стажот за да добијат старосна пензија. Законот кој го овозможува откупот на стаж, откако беше донесен во Собранието, вчера е објавен во Службен весник. 

Законот стапува на сила на 18 февруари годинава, а ќе почне да се применува по еден месец, односно од 18 март, бидејќи во рок од 30 дена Министерството за труд и социјална политика, треба да ја дефинира формата и содржината на барањето.

Пресметувањето на сумата за исплата ќе се прави врз основа на 20 отсто од просечната плата од претходната година објавена од Државниот завод за статистика која сега изнесува 1.400 денари за еден месец. Можност за откупување на стажот имаат и членовите од семејството на осигуреник кој починал. Со тоа може да се спроведе реализација на правото на семејна пензија.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување соопшти дека со законот се уредува начинот на утврдување на стажот на осигуреникот кој бил во редовен работен однос и бил пријавен во задолжително социјално осигурување, а обврзникот за пресметка и плаќање на придонес не го платил придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Во овие случаи, со Законот се дава можност осигуреникот да може самиот за себе да изврши плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Плаќањето на придонесот ќе се однесува за оној период за кој осигуреникот поднесува барање за плаќање на придонес, под услов да бил пријавен во задолжително социјално осигурување. Основицата за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 20 отсто од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барањето за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување, објавена од Државниот завод за статистика“, се вели во соопштението од Фондот.

Придонесот можат да го платат и членовите на семејството заради остварување право на семејна пензија. Правото на плаќање на придонес се остварува по поднесено барање на осигуреникот или членовите на семејството, а кое се поднесува до надлежната Филијала, односно Деловница на Фондот. По поднесеното барање, Фондот ќе донесе решение за плаќање на придонесот, откако ќе утврди дека се исполнети условите предвидени во Законот.

Претходното законско решение за докуп на стаж кое беше донесено во  2015 година, но имаше ограничено важење  од една година, за разлика од ова законско решение кое нема ограничување во важењето.

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ќе може да прави пресметки за плаќање на придонесот до 31 декември 2008 година.

Коментари

Популарно