Османи: Како ќе почне кампањата - ќе ни ја одреди судбината за ЕУ

Ограноците на ДУИ до вечерва до партијата треба да достават предлози за кандидати за пратеници, кои по анализите и внатрепартискиот избор ќе подлежат на проверка, изјави на прес-конференција Бујар Османи, шеф на Изборниот штаб на партијата и вицепремиер за европски прашања. Османи денеска исто така упати порака до учесниците на предвремените парламентарни избори на 12 април дека од особено значење за нас ќе биде каква ќе биде кампањата имајќи предвид дека на 26 март е Самитот на ЕУ во Загреб.

„После новата усвоена методологија и прогрес извештајот кој што го очекуваме околу 2 и 4 март, еден од најважните фактори кои ќе ни ја определат судбината, ако можам да кажам во март, е како ќе се одвива изборниот процес“, рече Османи.

Исполнувањето на сите предуслови за фер и демократски избори ќе биде многу важно, рече Османи повторувајќи дека новиот Совет на ЕУ ќе се случи на 26 март, а тоа е четврти ден од кампањата.

„Што значи дека тоа што ќе се случи на овие избори во предизборната кампања и во почетокот на изборната кампања ќе биде последното што ќе го имаат во нивната меморија министрите и премиерите кога ќе ја носат одлуката. Овие избори не се исти со кои било други избори бидејќи се случуваат во моментот кога се носат одлуките. Микроскопот е зголемен на многу пати што се случува во земјата, а дури и минималните инциденти ќе имаат влијание на чуството што ќе го имаат министрите и премиерите кога ќе ја носат одлуката“, рече Османи.

Негативната кампања не е незаконска, додава тој, но не им помага на партиите што ја водат. ДУИ никогаш нема спроведено негативна кампања, нема да има ни во овој изборен циклус туку напротив ќе промовираме тоа што сме направиле и тоа што планираме да направиме, рече Османи.

Шефот на изборниот штаб на ДУИ информираше дека ограноците на партијата до денеска треба да предложат имиња за кандидати за пратеници, а одлуката кој ќе биде носител на листа во изборна единица со носи во централата на партијата. Предложените кандидати партијата ќе ги подложи на различни анализи, на испитување на јавното мислење и слично по што ќе одлучи кои ќе бидат носителите на листите во шесте изборни единици.

„Вчера Чаир за двете зони даде околу десет имиња, Куманово даде три имиња, Липково даде три имиња…Повеќето од ограноците денеска ги имаат свикано нивните тела, за да предложат имиња“, изјави Османи.

Коментари

Популарно