Димитров: Ќе покренам постапки за оние што лажат дека сум патувал во март

Лажна вест е дека Министерството за надворешми работи потрошоло околу 24 илјади евра за патувања во странство во март, објави вчера на фејсбук министерот за надворешни работи Никола Димитров. 

„Ако веќе не помагате, во време на вонредна состојба, аман не одмагајте, срамота е! Денес наместо целосно да се занимавам со проблеми на граѓани, камионски транспорт, странска помош за кризата, дел од времето морам да го потрошам на зелените (но не во смисла на екологија) тврдења на опозицијата дека во период на криза, меѓу 17 и 20 март МНР потрошило нешто помалку од 24 илјади евра (1.457.517 денари) за патувања во странство. Ова е чиста лага!“, напиша Димитров.

Тој тврди дека лично, во март нема ниту едно патување во странство. 

„Последното патување пак на дипломат од МНР во странство е на 3 март. Оттука, МНР меѓу 17 и 20 март за службени патувања има потрошено нула денари“, вели Димитров.

Приказот од трезорот што го злоупотребуваат, пишува, се однесува на претходно реализирани авио карти на дипломати од МНР во износ помал од 1.500 евра и на редовна месечна дознака за патни трошоци на нашите амбасади низ светот, на сите 57 дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија во износ од приближно 22.000 евра, односно нешто под 400 евра по ДКП.

Трезорот со самото дозначување на овие средства од МНР до ДКП-та нив ги смета како веќе реализирани трошоци, иако реално истите се реализират сукцесивно, во текот на месецот, од секое ДКП посебно, за извршување на своите редовни задачи.

„Е сега, оти ова е тотално редовна активност, навистина згрозува фактот што се злоупотребува од луѓе кои ја разбираат, кои точно знаат за што се работи и сепак одлучиле да манипулираат и да лажат, во време кога МНР е една од клучните алки во борбата против маката што не' снајде. Овие обиди за саботажа, овие гнасни игри нема да дозволам да фрлат дамка врз работата на Министерството. За оваа пропаганда ќе си покренам соодветни постапки“, пишува Димитров, додавајќи дека „очигледно коронавирусот не е единствениот непријател на македонските граѓани и на државата“.

Коментари

Популарно