По 12 години борба со стерилитетот брачна двојка од Тетово доби тројка

Катица и Живко Угриновски битката со стерилитетот ја добија со раѓањето на Лука, Лана и Леон. Тишината и тоа што немало кој да растура по дома ги мачеле 12 години. Но тоа се промени пред 12 дена Тројна радост и среќа за мама и тато, круна на нивниот успех, радост и за медицинскиот тим во првата приватна општа болница „Ре-Медика“, пренесува Нова Македонија.

trojka-500

Во домот на Катица и Живко Угриновски од Тетово конечно има врева. Тишината и тоа што, како што велат, нема кој да растура по дома ги мачеле 12 години. Толку години се борат со стерилитетот. Битката ја добија пред 12 дена, со раѓањето на Лука, Лана и Леон. Тројна радост и среќа за мама и тато, круна на нивниот успех во битката, радост и за медицинскиот тим во првата приватна општа болница „Ре-Медика“. Лука веќе е дома, а Лана и Леон се во стабилна состојба, но сѐ уште им е потребна поддршка од лекарите и од сестрите во болницата. Наскоро и тие ќе им се придружат на братчето и на родителите.

Дечињата се родени во 34-та недела од бременоста (1,9 килограм, 1,7 килограм и 1,5 килограм). Катица останала бремена со 14-тото инвитро, или вештачко оплодување.

- Пресреќни сме. Неколку години сме пациенти тука. Нашата борба беше долга, имавме неуспеси. Но успеавме да издржиме. Најблиските, доц. д-р Зоран Петановски и медицинскиот персонал не дозволија да ја загубиме волјата. Имаме и слога и љубов. Сега имаме и три сонца - вели триесет и двегодишната Катица.

Живко и Катица одлучиле имињата на децата да им почнуваат на иста буква. Таа се надевала дека ќе успее да издржи подолго со бременоста, но се покажало дека во 34-та недела е време за царски рез.

- Во седум часот прво го видов Лука, за една минута Лана, а за две Леон. Лука плачеше доволно силно за да се опуштам, да ми олесни, а морам да кажам дека Лана беше уште погласна. Кога го слушнав и Леон, на среќата ѝ немаше крај - раскажува Катица.

Живко не знаел дека сопругата се породува.

- Ми се јави, ми вели дека се породила, а јас збунет прашав кој се породил. Веднаш дојдов во Скопје да си ги видам и сопругата и децата. Инаку, оплодувањето се случи на празник, на контролата кога дознавме дека Катица е бремена исто така беше празник, а и се родија на празник, на Иванден - вели Живко.

Домот во Тетово е веќе подготвен за дечињата, а на родителите има кој да им помогне.

- Борбата е голема. Стресот исто така. Но нема ништо повредно и поскапо од децата - велат родителите.

Д-р Зоран Петановски, шеф на Центарот за асистирана репродукција во „Ре-Медика“, вели дека во долгогодишната, 20-годишна работа не сретнал луѓе со толкава енергија за да успеат и покрај толку неуспеси.

- Случајот ни беше предизвик поради патологијата, но ние сме елитен центар од кој се очекуваат вакви резултати. Мене ме воодушеви желбата на двојката за деца покрај толку неуспеси. Нивната приказна е приказна за болката, тагата и за очајот, но и за исконската желба во тие моменти да не се предадете и да одите повторно напред. Во мојата долгогодишна кариера не сум сретнал луѓе со толкава енергија за да успее по толку неуспеси и со толкава храброст. Тоа го покажаа и во моментот кога одлучија да ги задржат сите три плода и покрај мојот предлог да направам ембриоредукција на едниот плод. Затоа оваа приказна нека биде порака. Неуспехот боли, но полошо од неуспех е да се предадете - додава доц. д-р Петановски.

Жена се обидела да прошверцува цигари вредни половина милион динари, фатена на „Прешево“

Патничка се обидела да прошверцува над 1.700 кутии цигари во автобус од Северна Македонија за Австрија на граничниот премин Прешево-Табановце, соопшти денеска Царинската управа на Србија.

Цариниците го откриле прекршокот на 16. март во соработка со полицијата. Патничката се обидела во нејзините чанти да прошверцува цигари вредни половина милион динари.

Случајот бил откриен кога автобус кој сообраќал од Северна Македонија кон Австрија бил издвоен за детален преглед на влез во Србија.

Иако возачите и патниците претходно изјавиле дека носат само личен багаж, при контролата во просторот за багаж биле пронајдени три големи торби полни само со цигари.

Во торбите, за кои една од патничките се пријавила дека е сопственик биле пронајдени 1.730 кутии цигари „Честерфилд“ со акцизни маркички од Северна Македонија,.

Цигарите, чија вредност се проценува на речиси половина милион динари, со судска одлука се трајно одземени, додека за сторен прекршок на патничката и е изречена парична казна.

Нови цени на горивата од полноќ

Цената на дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се намалува за половина денар за литар, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поскапува за половина, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за еден денар за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,13 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) е 76 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе се продава за 83, а ЕУРОСУПЕР БС - 98 за 85,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и останува 75 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,222 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 43,797 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,891 отсто, кај дизелот за 0,594, кај екстра лесното масло за 0,566 и кај мазутот за 0,314 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,817 отсто.

Тесла, БМВ, Ауди и Мерцедес, запленети нецаринети возила управувани од Македонци

Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа и Министерството за внатрешни работи запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблици управувани од македонски државјани.

Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив, четири ПМВ се марка МЕРЦЕДЕС, три ПМВ се марка АУДИ, две ПМВ се марка БМВ, едно патничко товарно возило е марка ТЕСЛА и др., а сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на Република Северна Македонија повеќе од 6 месеци.

Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено Барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд.

Имено, во согласност со законските надлежности на Царинската управа, кои се во согласност со критериумите и условите пропишани во Истанбулската конвенција за привремен увоз, одредби од Царинскиот закон и одредби од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, граѓаните на РСМ и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на Република Северна Македонија за време на нивниот престој, но, најмногу 6 месеци во период од 12 месеци, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија.

Во спротивно ќе треба да се пријават на најблиската царинска испостава во местото каде привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото.

Популарно