Денеска е 22-ри Јули, некогаш врвот на туристичката сезона во Охрид или блиску до врвот, ако градот под Самоиловата тврдина бил најполн за Илинден. Ама така беше некогаш, сега не е. Веќе 2-3 години Охрид зјае празен или барем полупразен. Статистиката вели дека на хотелите добро им оди, имаат странски туристи, но приватниот сместувачки капацитет тоне во мизерија. Се јави дури и градоначалникот на Охрид и го потврди туристичкиот дебакал на охриѓани, вели проблем биле цените! На македонските портали секојдневно се објавуваат „солени“ сметки од локалите на охридското крајбрежје, но тоа е така веќе неколку години, а цените и понатаму растат. И наместо во Охрид да се зборува за стратегија за враќање на туристите во градот, охриѓани го најдоа проблемот во ладното време и „теријата на заговор“ од главниот град!!!
1. За првиот изговор е банално да одвојувам повеќе од 2 реда. И лани ли беше ладно? А прехлани?
2. Теоријата на заговор од Скопје и скопјани е исто толку несериозен изговор колку и првиот. Каков би бил ќарот на скопјани ако Охрид е празен? Скопје нема туристичка сезона и Охрид во ниту еден сегмент не му е конкуренција. Ама во ниеден! Нема дури ни спортски клуб за да има спортско ривалство, како на пример Битола и Пелистер. Ривалитетот Скопје – Охрид постои само во главите на охриѓани. Не верувате? Дојдете во Скопје и проверете. Секој скопјанец на кој ќе му дојдат гости од странство, ако има време и средства, освен што ќе ги прошета низ Скопје, веднаш ги носи и во Охрид за да се пофали со убавината на својата држава, односно Охридското Езеро. Или барем така беше, сега со „новите“ цени тоа е се потешко.
Јас не знам што треба да се случи за оние кои се најзасегнати од промашената туристичка сезона да го видат проблемот? Кога цела Македонија знае дека во Охрид е премногу скапо, како тоа не им јасно на Охриѓани? По толку години терање туризам, зарем уште не научивте како се одредува цена при пазарна економија? Лесно е: Цената ја одредува односот од понудата и побарувачката! Колку тој однос е поблизок, односно колку поголема побарувачка има, толку е повисока цената. Од друга страна, колку е помала побарувачаката, цената треба да паѓа или производот, односно услугата ќе си останат не продадени! Затоа Охрид е празен! Цената не ви е усогласена со основните правила на пазарната економија. Не затоа што времето е ладно или скопјани ве мразат. Па и да ве мразиме (уште еднаш нагласувам дека тоа не е така), ние немаме моќ да влијаеме на слободната воља на туристите кои го сакаат Охрид! Се додека барате изговори во некој друг, полн Охрид ќе го гледате само на фотографии. Кога ќе разберете дека Охридското Езеро, колку и да е убаво, не е море и Македонците не земаат швајцарски плати, па ќе ги прилагодите цените на реалноста, дури тогаш ќе се врати гужвата во чаршијата и на плажите.
Автор: Пацифист
Ова е рекцијата на охриѓани: Охриѓани ги здоболе вистината па се расплукаа по скопјани