Нови проекти на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје за 2013 година

Реконструкција и замена на водоводни цевки (азбест - цементни и поцинковани)

ЈП Водовод и канализација - Скопје во 2013 година ќе продолжи со истиот интензитет во насока на остварување на долгорочните развојни цели на Претпријатието, а тоа е корисниците да добијат што е можно подобро и поквалитетно водоснабдување.

За осовременување на постоечката водоводна дистрибутивна мрежа во оваа 2013 година ќе се продолжи со замена на постоечките азбест - цементни и поцинкувани цевки со употреба на квалитетни материјали кои се отпорни на агресивноста на мрежата и влијанијата на динамичките удари со што ќе се намалат повредите на мрежата, а воедно и загубите на вода.

Во текот на оваа 2013 година се планира да бидат реконструирани 15 километри азбест- цементни и поцинковани цевки од постојната водоводна дистрибутивна мрежа преку довршување на започнатите инвестициони вложувања и започнување со нови инвестициони вложувања со вкупна проценета вредност од 120.000.000,00 денари.

Систем за далечинско отчитување и Комбинирани индустриски водомери

Позитивното искуство и резултатите од имплементацијата на системот за далечинско отчитување и комбинираните индустриски водомери налагаат да продолжиме со набавка на водомерите со далечинско отчитување и во оваа 2013 година. Овој систем, е всушност наменет за прием, обработка и пренос на импулсите од водомерите. Системот овозможува редовно читање на водомерите без нарушување на приватноста на граѓаните, сигнализира за дефектите во водоводната мрежа и неовластеното манипулирање со водомерите.

Индустриските комбинирани водомери се наменети за места каде покрај големите протоци на вода е потребно да се мерат малите протоци кои ќе придонесат за анулирање на грешките при читање на водомерите и поголема точност при отчитување, а од друга страна и намалување на загубите при испораката на вода.

SCADA систем

SCADA (Supervisory Control and Data Acquisition) е систем за мониторинг кој овозможува автоматско следење и управување на целиот водоводен систем, лоцирање на дефектите и нивно брзо отстранување односно автоматска регулација и управување на системот.

До овој момент SCADA системот е имплементиран во локалитетот Бутел – Радишани - Шуто Оризари, а постојат планови за негово проширување на целиот водоснабдителен систем на Градот.

Квалитет на вода

ЈП Водовод и канализација - Скопје во својот Центар за санитарна контрола врши редовен мониторинг на квалитетот на водата за пиење. Центарот за санитарна контрола егзистира со три лаборатории и тоа: Микробиолошка лабораторија, Хемиска лабораторија за питки води и Хемиска лабораторија за отпадни води.

ЈП Водовод и канализација - Скопје е првото градско јавно претпријатие кое ги воведе стандардите за менаџмент ISO 9001, стандардот МКС EN ISO/IEC 17025:2006 - Компетентност на лабораториите за тестирање и калибрирање, ISO/IEC 17020:2008 Стандард за инспекциско тело и на крајот меѓу првите го воведе системот за самоконтрола врз основа на HACCP принципите за добра производна практика.

Мониторингот на квалитетот на водата, согласно Правилникот за безбедност на водата за пиење подразбира секојдневна контрола на водата за пиење преку правење на редовни и вонредни физичко - хемиски и бактериолошки анализи.

Добиените резултати потврдуваат дека водата од Водоснабдителниот систем е здравствено исправна односно ги задоволува сите критериуми пропишани во Правилникот за безбедност на вода за пиење на РМ. Физичко - хемиските параметри се детерминираат по методологии на ASTM ( American Society for Testing and Materials), по ISO стандардите за оваа област и одговараат на директивите на EU и на WHO (World Heath Organization).

Водата спаѓа во групата на средно минерализирани води, со ниски содржини на органски материи, со неутрална pH средина, ниска содржина на азотни соединенија, отсуство на тешки метали и тврдост. Со ваков физичко-хемиски состав водата се вбројува во подземни изворски води со висок квалитет.

Инвестиционите активности во поглед на осовременување и модернизација на постоечата опрема за оваа 2013 година во поглед на исполнување на целосен мониторинг и контрола на квалитетот на водата за пиење, а истовремено и контрола на отпадните води во поглед на заштита на животната средина подразбира вложувања подразбира и модернизација и до опремување со опрема, микробиолошко - хемиски стандарди и други тековни потреби за успешно имплементирање на процедурите од стандардите и реализирање на планираните развојни активности. Па во контекст ЈП Водовод и канализација - Скопје планира да го прошири обемот на акредитација на своите лаборатории. Во оваа 2013 година ќе земеме учество во меѓу лабораториското тестирање организирано од Европска лабораторија FAPAS која е акредитирана по стандардот ISO 17043:2010 и со тоа да се подготвиме за акредитација и на други методи, со што би станале лидери од областа на акватиката во државата.

Коментари

Популарно