
Несекојдневен настан се случил во скопската населба Драчево. За време на свадбата сватовите се вреѓале меѓу себе по што избила и општа тепачка со неколку телесно повредени гости, а денот требал да биде најсреќниот ден за идните маж и жена, односно младенците.

Свадбата течела како што треба и со сите адети кои што се познати и прифатени во Македонија. Младожењата дошол по невестата со кумот и кумовата тајфа како и најблиските роднини и пријатели. Се играло оро пред куќата на невестата, се собрале комшиите да видат кој прави свадба. Имало и буткање на врата, по што следело и кршење на погачата. На крајот се играло и невестинското оро пропратено со плач дека „черешна се од корен корнеше“.

Проблемот настанал кога дошол матичарот во ресторан за законски да го овековечи бракот. На прашањето кое презиме ќе го носи невестата, таа одговорила ќе го задржи своето и ќе го додаде од младожењата. Тоа не му се допаднало на свекорот кој гласно викнал „снао не е убаво така, ни ја вреѓаш фамилијата“. На тоа се надоврзал братот на младожењата кој бил видно поднапиен и дофрлил „остај ја тато бештијата, него овој нашиов што глуп се најде да земе ваква жена“. Братот на невестата не можел да го трпи тоа вреѓање на сестра му, па го фатил за врат братот на младожењата и му удрил една тупаница пропратена со зборовите „на кого бе ти бештија, ти и*бам племето, да ти и*бам“.
По неколкуте зададени удари меѓу двајцата сватови, скокнале и братучедите за да ги одделат и да ја смират ситуацијата. Свадбата потоа била прекината и невестата и младожењата не успеале законски да го овековечат бракот. На пазарчето во Драчево се шири муабет дека станува збор за многу познати фамилии кои имаат свој бизнис и кои платиле дебели пари да не се дознае оваа случка во весниците.