Ограбена експозитура на НЛБ Банка во Сарај, не се знае колку однеле вооружените разбојници

Утрово во експозитурата на НЛБ Банка АД Скопје во општина Сарај се случи грабеж од страна на вооружена група разбојници. Во моментот на случувањата во експозитурата биле присутни вработени и клиенти, при што сите се безбедни и во добра состојба, соопштија од Банката.

Претставници на Банката се во постојан контакт со клиентите и вработените кои биле присутни во филијалата, ставајќи ја нивната безбедност и нивното здравје во преден план.

Во моментов сѐ уште нема детали за висината на направената штета. Надлежните органи вршат увид на самото место и се во блиска соработка со Банката за што побрзо и ефикасно разрешување на случајот и разоткривање на деталите, за што јавноста ќе биде дополнително известена.

Средствата на клиентите се сигурни бидејќи Банката има осигурување на целиот свој имот и средства. 

Сличен грабеж се случи на 15 април годинава во 10 часот и 36 минути кога беше ограбена филијала на НЛБ Банка во скопската населба Чаир.

Убедливо најголем грабеж на НЛБ Банка е оној кој го изврши во април 2017 година вработен во НЛБ Банка, со иницијали Б.С. кој од трезорот во централата на банката украде 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра. 

Коментари

Популарно