Јошко со остри критики кон одбојкарите

Поразот на македонските одбојкари и во второто коло од Европското првенство не наиде на добра реакција кај селекторот со најдолг стаж во историјата на нашата репрезентација, Joшко Миленковски.

Тој имаше улога на стручен аналитичар во студиото на Македонската радио телевизија, давајќи оцена за случувањата на натпреварот. Веднаш откако го заокруживме поразот од 0-3, рече дека ова е големо разочарување.

„Не вреди ни да се коментира овој натпревар, беше големо разочарување од секој аспект. Прво како мотивација, како желба за играње...имавме голема немоќ, два сета губиме со голема разлика. Направивме само еден директен поен во три сета, а противникот осум, на пример, нападот нашиот 40 посто, нивниот 50 посто, тие имаат седум болка, ние три блока, нивниот коректор 60 отсто во напад, нашиот 35 итн. Тоа се тие показател, не ни вреди да ги дискутираме“, помина Миленковски низ статистичките показатели.

Потоа продолжи да додава тежина на поразот, затоа што е од репрезентација, која нема да дотурка далеку на првенството, според него.

„Значи тотално сме надиграни, но не од еден квалитетен противник, Турција нема тим за високи дострели. Тие имаат одредени подмладувања во составот, најдобриот среден блокер и техничар преседоа на клупата, значи тие имаа уште резерви, но дури и покрај тоа не верувам дека се екипа која ќе може да се замеша во втора фаза. Ќе видиме дали ќе ги мине и Финска и Белорусија. Значи сега доагаме до прашањето, дали вчера Финска не беше многу квалитетна, па ние можевме да ги добиеме или денеска Турција беше пресилна за нас или, пак, ова ја отсликува на нашата одбојка. Пласманот на ЕП од аспект на пласман на едно првенство да, треба да бидеме задоволни. Арно ама на ова ЕП  се 24 репрезентации тоа е пола Европа, тука се и средните репрезентации, ги нема само некои си Гибралтар, Кипар.... Значи не е и некој успех да се пласираш на ЕП. Ама ајде да речеме дека тоа е некаков успех, а се најавуваше дека ќе одиме до вториот круг, значи имаме одредени проблеми“, продолжи Миленковски.

На крај се задржа на изјавите на одбојкарите уште пред да заминат за Љубљана. Според него е недозволиво да се најавува пласман во осминафиналето, а потоа да се губи лесно на овој начин.

„Ако играчите се задоволни од ова што го прикажуваат таму, тогаш јас немам причина критички да бидам настроен, зашто не знам кои им се целите и задачите кои ги поставиле. Меутоа од нивните изјави, имаше најава за да одиме во втората фаза, зашто сме биле подобри од Финска, од Белорусија.... Ама излезе дека не е така, овој третиов сет со Турција, можеби е и вистински показател. Едноставно нè надиграа, ете рече селекторот падна моралот, ќе анализираат што се случи. Јас разбирам дека нашиот квалитет е лимитиран и потешко е да направиме некоја победа, но затоа мора изјавите да бидат пореални, за да сфати јавноста дека самиот пласман на ЕП е успех. А ако ние најавуваме шанси за висок пласман, а тука се покажуваме поинаку, тука е малку нереална ситуацијата. Тешко се игра, сите репрезентации овде ќе бидат многу посериозни од она што досега имавме можност да го гледаме во Европската Б-лига и слично“, се изјасни Миленковски.

Тој беше селектор на Македонија во периодот од 1997 до 2008 година, а забележителни успеси имаше и како тренер на Работнички Фершпед, од 1994 до 2007 година. Сепак, со Македонија не успеа да се најде на едно големо првенство. Најголемите успеси ги постигна во екипата на Мили Пјанго во Турција.

Коментари

Популарно