УЈП започна да го исплаќа „Мој ДДВ“, парите веќе се слеваат на сметките на граѓаните

Управата за јавни приходи започна со исплата на парични средства како поврат на дел од ДДВ кај граѓаните кои скенираат фискални сметки. Повратот од 15 отсто од ДДВ на трансакциските сметки на граѓаните кои се корисници на апликацијата МојДДВ се префрлаат на сметките на граѓаните за првото тримесечје, односно за месеците јули, август и септември, соопшти УЈП.

„Управата за јавни приходи започна со исплата на повратот од МојДДВ!

На трансакциските сметки на граѓаните кои скенираат фискални сметки, легнуваат паричните средства, 15% поврат од пресметаниот ДДВ за месеците јули, август и септември!“, објави и директорката на управата Сања Лукаревска.

Досега е исплатен поврат кај 16 600 граѓани, а до крајот на наредната недела повратот ќе биде извршен кај сите граѓани кои ги скенирале фискалните сметки во првото тримесечје преку апликацијата МојДДВ, киоск апаратите и бар-код читачите во организационите единици на Управата за јавни приходи.

Во првиот квартал од МојДДВ скенирани се 22,670,713 фискални сметки, остварен е вкупен промет во износ од 11,423,978,620 денари, со пресметан вкупен ДДВ во износ од 1,241,434,628 денари. Повратот од 15 отсто е во висина од 186,215,194 денари.

Коментари

Популарно