Полицискиот синдикат бара парична награда за вработените од најмалку 25.000 денари

Раководството на Македонскиот полициски синдикат во периодот кој што измина на повеќе наврати од министерот Наќе Чулев, бараше на сите вработени во Министерството за внатрешни работи поради посебен придонес во борбата со Ковид 19, да им се исплати награда во висина од најмалку една просечна плата, велат од полицискиот синдикат.

-Министерството не го прифати нашето барање и самостојно излезе со барање до Владата на Република Северна Македонија за донесување на Уредба со законска сила според која на секој вработен во МВР да му се исплати награда во висина од 15.000,оо денари. По изјавата на Министерката за финансии се обелодени дека МВР ги нема и тие парични средства. За нас како единствен репрезентативен синдикат на полицијата сумата од 15.000 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме под итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000 денари, велат тие во своето барање.

Македонскиот полициски синдикат се надева и на јавна поддршка на ова барање од причини што сите граѓани на Република Северна Македонија  се свесни за жртвата и посветеноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи во насока на зачувување на здравјето, имотот на граѓаните и јавниот ред и мир во овој период на владеење на светска пандемија од вирусот Covid 19.

-Ги охрабруваме сите вработени во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансова полиција да продолжат со посветеното и пожртвувано извршување на своите службени задачи, а на Македонскиот полициски синдикат да ја остават борбата за сите нивни права од работен однос со надеж дека во најкус временски период ќе ја добиеме наградата од најмалку една просечна плата во Република Северна Македонија, порачуваат тие.

Коментари

Популарно