Симона Герасимовска-Имаме симптоми, а никој не не тестира

  Симона Герасимовска  (33) ја раскажува голготата низ која поминува нејзиното семејство бидејќи иако нејзините сопруг и ќерка исто така пројавиле симптоми, се уште не се тестирани, се вели во прилогот на ТВ Сител. Симптоми почувствувала минатиот петок, а во статистиката на позитивни се води од вторникот.

Вели дека освен матичната лекарка, никој ниту проверува дали е во самоизолација, ниту каква е нејзината состојба. Им кажале дека сопругот и ќерката ќе бидат тестирани, но тестирањето се уште не е спроведено. Вчера се јавила во Центарот за јавно здравје, но наместо термин за тестирање добила дрзок одговор.

-Ми кажа дека имаат многу пациенти и дека немаат време за ништо. Меѓутоа, тоа не е мој проблем. Кога ја прашав кога ќе дојдат да ги тестираат сопругот и ќеркичката одговорот беше: „Најверојатно нема да ги тестираме, што ќе ви смени на вас тестот? Сигурно и тие се позитивни, штом се со симптоми. Седете дома во самоизолација, вели Герасимовска.

Симона вели дека сите нејзини пријатели се известени оти таа е позитивна. Дел од нив се тестирале и се негативни. Но вели дека без резултат луѓето се оставаат на својата совест.

-Ако немаме документ, немаат решение за самоизолација. Како нашите надлежни очекуваат нашите граѓани да бидат совесни. Ете, сопругот нема документ. Да е некој несовесен ќе излезе надвор и ќе каже: „Па, јас немам документ, ниту дошле да ме тестираат, ниту имам документ за самозолација. Зошто би седел дома?“, вели Герасимовска.

Матичниот лекар може да закаже термин, но тогаш нејзиниот сопруг ќе биде принуден да ги прекрши протоколите бидејќи лично ќе треба да се појави на пункт за тестирање. За Симона е несфатливо зошто не се тестира потесното семејство кога се плаќаат приденоси во Фондот за здравство, а сега се принудени тоа да го сторат приватно.

-Мене не ми е проблем да појдам и да платам уште 8.000 денари за ќерката и за сопругот. Меѓутоа, не е законски да излегуваат. А, од друга страна, кога ќе размислам 8.000 денари не се малку. Има семејства кои цел месец го поминуваат со тие 8.000 денари, вели Герасимовска.

Симона се тестирала во приватна клиника. За термин чекала два дена, а за резултати еден. Вели дека е револтирана зошто политичарите и јавните личности се тестираат веднаш, а резултатите ги добиваат за само неколку часа.

-Крајно сум револтирана. Без разлика не е битно дали е министер, адвокат, доктор, што сака нека биде, претседател на Република Македонија. Сите ние имаме исти права во оваа држава. Тој претседател, тој министер е обична личност во приватниот живот. Што ете, е ставен на функција за да постави ред за сите останати во оваа држава. Ама како што гледам, ред многу-многу и нема во државава, вели Герасимовска.

Додека со своето семејство е во самоизолација роднините се понудиле за да ги снабдат со потребни намирни. А, иако немале потреба, понуда за помош добиле и од Црвениот крст чии волонтери се нафатиле да однесат храна и лекови на нивната адреса.

Коментари

Популарно