Последна порака до својот кум Илче Котевски, текст кој ја потресе цела Македонија

Ресен тагува. Го загуби претседателот на РК Преспа, Илче Котевски, но и голем човек, другар и пријател за секого. На социјалните мрежи многумина се простија со Илче, а најмногу од се боли пораката од неговиот кумашин, Кирил Котевски, кој на социјалните мрежи напиша текст полн со емоција, кој ја потресе цела држава.

Куме мој,

Не знам дали постои љубов на прв поглед, ама со сигурност знам дека постои другарство, братство на прв поглед. Не ме прашувај куме како ни се роди таа блискост од првиот момент, не е ни важно сега.

Ние нашето си го теравме…се запознавме, беше тоа далечната 96та. Се сеќавам пред Грга беше. Се дружевме, станавме едно…уште тогаш ти реков дека сакам ти да бидиш мојот кум, да ме венчаш, да ми ги крстиш децата, да бидеш духовен татко на моите деца… Едноставно нашето пријателство да помини на повисоко ниво. Да бидиме свои.

Така и бидна куме, си го одржавме зборот. И ти самиот знаеш колку е тешко да се одржи едно искрено пријателство, нели? Ама за нас тоа не беше проблем, ни најмалку. Напротив куме, јас и ти бевме свои, како прави Котевци.

Ех куме мој, можевме книги да напишеме за нашите патешествија. Ах да имаше уста твојата хармоника, да прозбори. Та нели другото лето ќе славевме 25 години од нашето запознавање куме?

Секогаш ти се восхитував на твојата посветеност за сѐ што работеше куме. Било ракомет, угостителство, посветеност кон семејството… Ти беше убавото лице на Ресен. Прав еснаф. Знам куме, ти многу го сакаше твојот град, ама и тој те сакаше тебе.

Мора да ти признам нешто куме. Не плачам во моментов. Не плачам зошто не верувам. А сепак ти пишувам куме.

Куме мој, денес ме скрши. Не на два дела, туку ме скрши на парчиња. На оние најситните парчиња како песокта на плажата во Претор, каде што седевме по цели ноќи и ги пеевме оние нашите…

Велат дека човекот живее онолку колку што има спомени за него. Ако е така куме мој, тогаш ти си бесмртен. Сите се боревме куме, сите. А најмногу ти куме. А знаеш кога се борат сите за еден? Тогаш кога тој едниот вреди колку сите.

Но оваа битка ја загубивме. Ја загубивме како тим, и тоа во последната секунда. А ти куме мој, ти ја плати целата цена. Не е фер така. Не е фер, зошто последно што ми кажа е дека ќе се избориме, ќе победиме.

Велат дека сега ќе го најдеш својот мир. А ти куме не ни сакаше да бидеш мирен, нели? Ти беше движечка сила. И за твоето прекрасно семејство, и за работа и за ракомет и за својот град.

Ама и ова не е крај куме мој. Ќе се видиме ние пак. Ќе седниме пак со онаа нашата. Куме, сигурно и сам знаеш, ама јас пак ќе ти кажам.

Ти го давам мојот збор дека ќе ги чувам и ќе ги сакам твоите бисерчиња дома заедно со твојата прекрасна Биле, исто како и моите. До следното гледање куме мој, таму во вечноста..

Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски за ,,Фокус” со растреперен глас раскажува за големата загуба

Младиот човек, спортист, вработен како келнер во локален објект, сопруг и татко на две малолетни деца, беше помеѓу првите регистрирани случаи на Ковид-19 во општината, пред околу две недели.

Негови сограѓани, колеги, спортисти и пријатели се простуваат на социјалните мрежи, во неверување, бидејќи се надевале како младиот човек кој го посветил животот на спортот, сепак ќе се изборел со болеста.

-Ресен е вечерва завиен во црно! Веста сите не потресе, нашиот Илчо беше народен човек кој направи многу за општината, за младите, за спортот… Тука беше секогаш да помогне, имавме одлична соработка. Им беше посветен на децата, на младите спортски таленти, знаеше како да ги мотивира, се вложуваше максимално. Ја иницираше идејата да се обнови спортската сала, неговиот предлог веднаш без двоумење го прифатив. Добивме помош и од Агенција за млади и спорт, се радувавме на денот кога свечено ќе ја отвориме салата… Судбината сакала тој да не го дочека тој ден, без него ќе ги отвориме вратите на објектот во кој тој веруваше, се надеваше дека децата и младите ќе имаат моменти за паметење во салата, дека таму ќе го градат својот спортски дух… Тешко е ова за сите. Изразувам длабоко сочувство до неговата сопруга, децата, роднините – вели градоначалникот.

извор: citaj.mk

Коментари

Популарно