Над 250 мотоциклисти возат на „Рели Независност 2020“, денес се во Охрид

Над 250 мотоциклисти од земјава и странство зедоа учество на годинешното традиционално „Рели Независност 2020“, што од 4-ти до 6-ти септември се вози на патиштата низ Република Македонија.

Релито го сочинуваат три епапи. Првата етапа вчера стартуваше од главниот град и помина по патиштата низ источниот дел на земјава, а финишираше во Дојран, од каде денес мотоциклистите преку Гевгелија, Кавадарци, Прилеп и Битола пристигнаа во Охрид, јави Нова Македонија.

Утре на програмата е последна етапа која од Охрид преку Кичево, Тетово, својот пат ќе го заврши на Градскиот плоштад во Скопје.

Мотоциклистите се презадоволни од ова рели и најавуваат свое учество и следната година.

– По прекрасно време кое не следи по цел пат и со учество на над 250 мотоциклисти, од кои дел и од странство и тоа од Италија, Хрватска, Србија и Бугарија, протекува годинешното традиционално „Рели Независност 2020“. На ова рели нема победници ниту поразени, туку сите се најдобри што ќе ги извозат трите етапи и ќе финишираат во главиот град. Релито го организира Мотоциклистичката федерација на Република Македонија. Има се’ повеќе заинтересирани мотоциклисти, кои целат да бидат дел од него, а се етаблира и надвор од границите на нашата земја, рече мотоциклистот и учесник на релито, Слободан Ивчевски.

Коментари

Популарно