ВИДЕО: Леброн и Дејвис по една деценија го вратија Лејкерс на НБА-тронот!

Лос Анџелес Лејкерс покажа моќ во шестата средба од финалето, го прегази Мајами Хит (106-93), триумф со кој ја затвори НБА-серијата и по десет години повторно се врати на тронот во најквалитетната светска кошаркарска лига.

Мајами во ростерот го доби Горан Драгич, се очекуваше спектакуларен натпревар, арно ама ЛА Лејкерс покажа моќ кога беше најпотребно, го сопре разиграниот Батлер и го збриша ривалот со перфектни 12 минути кои ги покажа во вториот квартал. Така, „езерџиите“ се вратија на тронот по десет години, а Мајами остана да ги носи само симпатиите поради одличната игра која што ја покажа оваа сезона.

Првите десет минути на мечот беа изедначени, ЛА Лејкерс водеше со осум поени разлика (28-20), а потоа почна доминацијата на фаворитот. Одлични беа Рондо и Калдвел-Поуп, посебно во шутот за три и им беа поддршка на пеколното дуо Леброн-Дејвис, па ЛА Лејкерс во 12 минути го прегази ривалот со 36-16 во вториот квартал и огромна позитива од 64-36 на полувремето.

По овој период, беше јасно дека соништата на Мајами за НБА-титула се згаснати. Избраниците на Ерик Споелстра константно бркаа резултат, но ниту еднаш не успеаја да го загрозат високото водство на Лејкерси. Највисоката предност Лос Анџелес Лејкерс ја имаше во средината на третиот период, кога водеше со огромни +36 (82-46), додека во последните 12 минути „езерџиите“ се опуштија и направија Мајами да доживее пристоен пораз.

Најдобар кај победникот беше Леброн Џејмс со „трипл-дабл“ од 28 поени, 14 скока и 10 асистенции, пред Ентони Дејвис со „дабл-дабл“ (19 поени, 15 скока) и феноменалниот плејоф-џокер Ражон Рондо со 19 поени. Кај Мајами Хит, Бам Адебајо имаше блескава ноќ со 25 поени и 10 скока, а Џими Батлер на овој дуел застана на 12 поени, 8 асистенции и 7 скока.

За тимот од „градот на ангелите“ ова е седумнаесетта титула во историјата, прва по 2010 година.

Извор:https://www.gol.mk/

Коментари

Популарно