Холандија е светлосни години пред нас: Поради кризата ќе ги плаќаат и домашните трошоци за работа од дома

Како што продолжува здравствената криза ширум светот, а десетици милиони луѓе се чини дека уште долго ќе работат од дома, се појавуваат важни прашања. На пример, кој и колку плаќа за чај, кафе или тоалетна хартија потрошена дома за време на работното време?

Холанѓаните може да се каже дека се светлосни години понапред од половина Европа, па затоа сега тврдат дека ваквата обврска паѓа на вашите шефови, односно компанијата. Според нив за овие работи треба да се одвојат околу две евра на ден, во просек, пишува Ројтерс.

Ова вклучува не само кафе, чај и тоалетна хартија што ги трошите дома, туку и дополнително греење, струја и вода, како и амортизација за употреба на маса и стол – основни работи што никогаш не сте помислувале да ги платите во канцеларија.

На оваа реалност се прилагодуваат и други земји, свесни дека многу вработени нема да бидат воодушевени со враќање во канцеларија кога ќе помине пандемијата.

Шпанија пропиша дека работодавците мора да плаќаат за одржување на работниот простор и опремата, Германија расправа за закон што се однесува на правата на работниците кои работат на далечина, Франција усвои регулатива што ги штити од и-меил надвор од работното време, додека Велика Британија посочи дека може да ја „олабави“ даночната политика во врска со одбивање на данокот при купување на опрема за работа од дома за време на пандемија.

Сепак, оваа приказна има и друга страна. Шефовите на компаниите тврдат дека дополнителните плаќања имаат малку смисла во време кога пандемијата ја осакати светската економија.

Извор: Б92

Коментари

Популарно