САД: Продолжува потрагата по жртвите од торнадото каде загинаа најмалку 26 лица

Спасувачката операција и потрагата по жртвите од торнадото во јужните американски држави Алабама и Мисисипи, во кое загинаа најмалку 26 лица, продолжи денеска.

Десетици луѓе се повредени во торнадото кое ги погоди сојузните држави во ноќта меѓу петокот и саботата, а стотици се во привремено сместување.

Властите во Мисисипи прогласија вонредна состојба.

Малиот град Ролинг Форк е уништен во торнадото кое достигна брзина од 320 километри на час.

Метеоролозите предупредија дека и денеска се очекува силно невреме на југот на САД.

Една од најмасовните верижни несреќи во Унгарија - се судрија 47 возила

Страшна сообраќајна несреќа се случи попладнево на автопат во Унгарија. Повеќе од 40 камиони и автомобили биле дел од верижниот судар на 26-от километар од автопатот М1. Веднаш по несреќата избувнал пожар.

Полицијата во Будимпешта соопшти дека повеќе десетици луѓе се повредени, од кои некои се наоѓаат во животна опасност.

Според првичните податоци, во сообраќајката изгореле 19 возила, а повредени се вкупно 36 лица, од кои шест се здобиле со животно загрозувачки повреди, а 13 лица се здобиле со тешки телесни повреди. На местото на настанот пристигнале десет возила на брза помош и три спасувачки хеликоптери, како и пожарникарски екипи.

– Врз основа на првичните информации, во моментов на болничко лекување се наоѓаат 25-30 повредени лица, но тоа се уште не се конечни бројки. Неколку возила се запалени, а истрагата е во тек. Во моментов потрагата за повредените се уште е во тек. Засега првата повратна информација беше дека околу половина од повредените се во тешка состојба, а другата половина се полесно повредени, но на крајот од интервенциите на лице место ќе можам да соопштаам точно колку има и со какви повреди се здобиле. Поради големиот број повредени, ќе ги транспортираме во неколку болници. Со помош на спасувачки хеликоптери тешко повредените многу брзо ќе ги сместиме во подалечни болници, изјави портпаролот на Националната служба за брза помош Пал Ѓерфи.

Во Мексико пронајдено девојче кое пред пет години исчезна во САД

Девојче кое беше киднапирано од трговски центар во американската сојузна држава Вашингтон во 2018 година е пронајдено живо и здраво во Мексико, соопшти ФБИ.

Аранза Марија Очоа Лопез имала четири години кога последен пат била видена за време на надгледувана средба со нејзината биолошка мајка во трговски центар во градот Ванкувер, пишува „Индепендет“.

Нејзината мајка беше уапсена во 2019 година во Пуебла, Мексико, но девојчето е пронајдено дури во февруари оваа година.

Официјални лица потврдија дека девојчето, кое сега има осум години, било пронајдено во Мичоакан, Мексико и вратено во САД.

„Повеќе од четири години, ФБИ и нашите партнери не се откажуваат од Аранза“, рече Ричард А Колоди, специјален агент задолжен за теренската канцеларија на ФБИ во Сиетл.

„Нашата грижа сега ќе биде да ја поддржиме Аранза додека таа ја започнува својата реинтеграција во САД“, додаде тој.

Есмералда Лопез – мајката на исчезнатото девојче, се изјасни за виновна за киднапирање и грабеж.

Таа е осудена на 20 месеци затвор, пренесува The Columbian. Девојчето било во државен дом за згрижување, а на мајката и било дозволено да ја гледа својата ќерка двапати неделно. За време на една средба, таа побарала да ја однесе нејзината ќерка во тоалет, но всушност ја однела до автомобил управуван од соучесник.

Популарно