МОН формираше работна група за нови учебници

Министерството за образование и наука соопшти дека е формирана работна група за промена на наставните и дидактичките материјали за основно и средно образование. Реформата со учебниците ќе се воведе од следната учебна година.

Од таму велат дека ваквиот потег се должи на постојаните реакции од јавноста, родителите и учениците, но и на самите наставници за квалитетот на учебниците.

Покрај тоа, поплаките се однесуваат и на долгите постапки за нивно одобрување, како и честите повлекување на учебници поради стереотипи, предрасуди, грешки и недоследности.

Работната група е составена од претставници од Министерството за образование и наука, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието како и претставници од меѓународни институции и граѓанскиот сектор. 

Вече се работи на анализа на најдобрите искуства и практики од неколку европски, скандинавски и земји од регионот, а потоа ќе се изготви нов систем за унапредување на квалитетот на наставата.

Тоа подразбира не само употреба на учебници, туку и изработка и употреба на разни видови на наставни и дидактички материјали за наставниците и учениците, велат од МОН.

„Голем број на земји во светот веќе го имаат надминато системот на класична употреба на учебник, поради што учениците своето знаење го стекнуваат преку различни извори на информации и разновидни дигитални алатки. Ова е идеја и на голем број наши наставници, но е дел и од препораките на ОЕЦД за системот на образование во нашата земја“, соопштуваат од министерството.

Коментари

Популарно