Заев за прв пат директно му се спротивстави на Каракачанов: Доста беше навреди и недолични пораки!

Премиерот Зоран Заев вечерва преку статус на Фејсбук за прв пат остро му се спротивстави на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, порачувајќи му дека со навреди и недолични пораки не може да работи на приближување на двата народи.

Ова следува откако бугарскиот министер за одбрана за интервјуто на Заев рече дека „по старата бугарска традиција, на Бугаринот мозокот му се вклучува еден ден подоцна, па така и кај него“.

- Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет.

Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас.

Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи.

Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки.

Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза.

Доста беше омраза!, напиша Заев вечерва на Фејсбук.

Коментари

Популарно