Нема да има изедначување, жените сепак во пензија ќе одат на 62 години

Последните измени на Законот за работни односи со кои се предвидува задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, поднесени од група пратеници, влегоа во собраниска процедура и го поминаа првото читање, според кој нема да има изедначување на старосната граница за мажите и жените, како што првично најавуваше Владата.

Последно е дека во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но, сепак останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Пред два и пол месеци вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека нема да има намалување на старосната граница за пензионирање, но во пензиските реформи ќе има изедначување на годините за пензионирање на мажите и жените.

„Ние пензиските реформи ги навестивме и веќе следната недела имаме меѓусекторски состанок. Сакам да потенцирам дека во предвидените измени не е планирано намалување на возрасната граница за пензионирање туку изедначување на возраста за пензионирањето меѓу мажите и жените што е и уставна категорија, рече тогаш Битиќи.

Изедначувањето сепак не беше споменето во програмата на Владата за новиот мандат. Владата планираше да даде можност за предвремено пензионирање, но со намалување на износот за пензија. Дополнително беше најавено и дека мажите и жените ќе се пензионираат задолжително со навршување на годините за пензија односно 62 години за жени и 64 за мажи.

Според новото законско решение, пензионирањето со навршени 64 години ќе биде задолжително во јавниот и приватниот сектор, со исклучок на здравството и образованието, од 2022 година.

Коментари

Популарно