На својот предновогодишен концерт, Павле Камилоски ја изненади публиката со неговата прва самостојна песна и спот

Камилоски на предновогодишниот концерт кој се одржа вчера во Музејот на Македонската Борба, се предаде на емотивниот занес и  длабоко ја трогна публиката со безвременските класици на Френк Синатра, Дин Мартин, Нет Кинг Кол, Том Џонс…

Во интимната сала која беше преплавена од емоции, го заврши концертот со видео запис од неговиот прв авторски сингл кој се проектираше на видео бим.

„Такт по такт“ е сингл во Боса нова стил, стил по кој е препознатлив извонредниот Камилоски. Шармантниот спој од проза и поезија ги пишуваат Робин Зимбаков и Алек Русјаков, а соничниот баланс кој ја истакнува интимноста и непосредноста во гласот на Камилоски, го компонира и аранжира Роберт Билбилов. Суптилен трепетлив ефект прави и гласот на Александар Тарабунов, драг пријател на Павле, кој се јавува како придружен вокал.

Видео записот за „Такт по такт“ е филмски претставена ода на љубовта. Замислата за видеото на Камилоски ја режира Принц и успева да креира визуелен приказ на романтичниот и доминантен перформанс на пејачот.

„Таа емоција и авангарда ја носи со себе познатата манекенка Маја Сашек, без која немаше да го добиеме овој резултат. Маја додаде една уникатна вредност на видеото и многу сум и благодарен на соработката за спотот“ вели Камилоски.

Интернационално наградуван и со досегашни 9 самостојни концерти, Камилоски се истакнува како изведувач на безвременските џез песни кои се дел од неговиот музички печат.

Коментари

Популарно