(Фото) Отворен новиот дел од булeвар „Никола Карев“ во Скопје

По седум месеци Град Скопје ги заврши градежните работи на новиот бул. „Никола Карев“ во Скопје, со изградба на нови 980 метри, и денеска беше официјално пуштен во употреба. Инвестицијата на Град Скопје е околу 160 милиони денари. Булеварот има четири коловозни ленти, две комбинирани – велосипедски и пешачки патеки поради фреквентниот сообраќај, а направен е и потпорен ѕид од 690 метри.  Има и лед (смарт) осветлување, за кое градоначалникот Петре Шилегов рече дека ќе биде воведено во фази во градот.

-Град Скопје на овој потег реши нешто што повеќе децении беше проблем на граѓаните на Скопје. За седум месеци успеавме да изградиме нови 980 метри нов булевар. Со потпорниот ѕид целосно го заштитивме автопатот и ридот кај касарната („Илинден“) со целосна подземна инсталација која ќе овозможи долготрајно и безбедно користење на овој скопски булевар. Минатата година почнавме со т.н. Пластичарска која е на истиот овој булевар „Никола Карев“, на потег од 1400 метри, и ова е всушност втора фаза, изјави Шилегов на официјалното отворање на булеварот.

За вторник најави почеток на градба на голема клучка кај Момин Поток, а од понеделник Град Скопје ќе ја почне и најавената реконструкција на многу градски сообраќајници.

-Затоа ги замолувам граѓаните на Скопје да бидат трпеливи и да ги почитуваат сообраќајните режими, ќе бидеме брзи и квалитетни, како и секогаш досега. Ја обновуваме инфраструктурата која повеќе децении не била ни воопшто пипната и во агендата на Град Скопје, рече Шилегов.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев изјави дека сообраќајницата „Никола Карев“ е исклучително важна за жителите на Карпош.

-Ова беше тесно грло и простор каде што се создаваше огромна гужва и граѓаните не можеа да стигнат до своите домови или на работните места. Дополнително, покрај решавање на сообраќајниот проблем, со овој булевар се создаваат и предуслови за урбанистичко ширење на градот на Скопје во северниот дел. Општина Карпош донесе и ДУП-ови за делот зад касарната „Илинден“ и ваквата инфраструктура и кружниот тек што е најавен за неколку дена кај Хубо-маркет и клучката, придонесуваат за развој на овој дел од градот, рече Богоев, додавајќи дека во неговата општина има тековни реконструкции на повеќе сообраќајници – во Карпош 1,2 и 3 и во Нерези.  

Коментари

Популарно