Заев, Рама и Вучиќ најавија една економија- нула царини, 100 отсто слободна трговија и нула пречки за движење на граѓаните

Премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ на денешната заедничка прес-конференција по завршувањето на Регионалниот економски форум во Скопје порачаа дека целта на иницијативата „Отворен Балкан“ е создавање една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто проценти слободна трговија.

„Отворен Балкан“, нагласија Заев, Рама и Вучиќ, значи ново поглавје во регионалната соработка. Иницијативата не е ограничена само на трите земји, Северна Македонија, Србија и Албанија. Напротив, секоја друга држава од опкружувањето е добредојдена и може да се вклучи ако сака.

-Нашата цел е една економија, без граници – 100 отсто слободна трговија, нула царини, нула пречки за движење на граѓаните, нула бариери за стоките, услугите и сервисите, нашите земји да ја имаат европската слобода во нашиот регион, истакнаа лидерите и додадоа дека политичките прашања многу полесно се решаваат кога се обединети економиите и деловните заедници.

Според премиерот Заев, на никој не ќе може да му падне на памет да воведува нови царини, да создава некакви нови пречки или бариери.

-Ова ќе биде една економија, 100 отсто слободна трговија за стоките, услугите и сервисите, без пречки за движење на луѓето и капиталот. Тоа што ќе може да го прави жител на Северна Македонија тука, ќе може да го прави и во Драч или во Ниш. Ваков регион ќе отвори огромни перспективи во глобалната борба и конкуренцијата, истакна Заев.

Тој нагласи дека претставниците на повеќе од 350 компании, учесници на Форумот, се капиталот на оваа иницијатива. Нивните дискусии, дебати, предлози и проекти што тука ги афирмираа и ги здружија, сведочат дека иницијатавата Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот.

Заев се осврна и на двата меморандума за разбирање, како и на меѓудржавниот Договор кои беа потпишани на Форумот и со кои треба да се интензивира соработката во регионот.

-И тука не запираме. Синоќа се договоривме, на почетокот на ноември ќе се сретнеме на нови работни средби во Белград, кон крајот на годината во Тирана, а во меѓувреме ќе ги задолжиме ресорните министри да обезбедат итна реализација на договореното и да развиваат нови проекти за олеснување на животот на нашите народи. И час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да осетат конкретен економски бенефит – без разлика дали тоа ќе биде поевтин одмор во Саранда, Преспа или Копаоник или пак побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат. Синоќа разговаравме и за тоа дека покрај овој Економски форум, ќе започнеме и организација на регионален саем на вина кои се произведуваат во нашиот Отворен Балкан, како и тоа дека ќе организираме младински регионални спортски и друг тип натпревари за да обезбедиме поврзување денес, за подобро утре, рече Заев.

Српскиот претседател Вучиќ оцени дека идејата за економско регионално здружување е одлична, а визијата извонредна, но на трите земји им претстои тешка задача. Сепак, резултати мора да се испорачаат.

-Треба да покажеме одговорност кон граѓаните, да се грижиме за економијата. Тешка задача имаме пред нас, пречки ќе постојат од различни страни, но ако обезбедиме „нула минута чекање“ на премините, луѓето ќе може да се движат како на своја територија. Ако успееме да го поминеме патот од Тирана без ниту една граница и без запирања, тогаш сме направиле многу, рече Вучиќ и додаде дека трите земји, вака поврзани, ќе привлекуваат преку 80 проценти од инвестициите на Балканот.

Вучиќ на прес-конференцијата потенцира дека „Отворен Балкан“ е економска иницијатива, а не простор за решавање на политилките билатерални прашања.

-Не треба тоа што не раздвојува да се наметнува како најважно прашање. Ова е економска иницијатива за слободен проток на луѓет, стока и капитал, од која ќе се почувствуваат бенефити, а не место за решавање на билатералните проблеми. Ако некој не е подготвен да влезе во оваа иницијатива, немам проблем со тоа, само дајте ни да тргуваме и да ја развиваме економијата, подвлече претседателот на Србија.

За Рама, соработката, но и заедништвото се клучни, а тоа е и суштината на иницијативата „Отворен Балкан“ која не е ексклузивна, туку инклузвина, не е отстранувачка, туку е сеопфатна и отворена и слободна за сите земји.

– Многу попаметни од мене нека кажат што има лошо за Косово, БиХ и Црна Гора да се спојат во оваа иницијатива која ги отвора патиштата за нашите итни служби да соработуваат и да се борат заедно, да имаат заеднички систем на алармирање и заедно да бидат таму каде што треба да помогнат. Сакаме  заедниците на нашите земји да имаат европската слобода во напиот регион, истакна Рама, додавајчи дека е нонсенс е и граѓаните од регинот во региноот да се третираат како да се од втор ред, во однос на оние од ЕУ.

Во однос на Косово и Србија, иницијативата, рече Рама, им дава до знаење на луѓето и комапниите дека сите се исти и еднакви и покрај фактот што на институционално ниво постои едно прашање кое се уште е отворено и кое се разработува низ тежок разговор меѓу двете земји.

– Но, ова е колосален чекор за напите општества и носи голем потенцијал. Немаме право како водачи овој потенцијал да го оставиме неискористен и неразвиен. Тука нема конспирации и негативност, ова е движење за иднината, дополни албанскиот премиер.

Заев, Рама и Вучиќ, во воедните обраќања со кои и официјално почна Форумот, рекоа дека ги слушнале предлозите и барањата на стопанството за помалку историја, а повеќе бизнис. На економскиот панел, пак, добија пофалби од стопанските комори дека покажале вистинско лидерство со ваквиот чекор – на образложување сосема нова иницијатива без претходно да биде прифатена и поддржана во целост.

Бизнис заедницата јасно и недвосмислено ги повтори барањата: договор за конечно да исчезнат долгите редици камиони од границите, а затвореноста, сивата економија и евтината работна сила да бидат минато.

-За тоа е потребно да направиме договор за две работи: да го отвориме Балканот и да се обединиме како бизнис, потенцираа стопанствениците.

Регионалниот економски форум го организираше Кабинетот на премиерот Зоран Заев, во координација со кабинетите на Вучиќ и Рама, во соработка со стопанските комори од регионот.

Коментари

Популарно