Тренерот на Беса си заминал 15 минути пред почеток на мечот- која е позадината?

Беса од Добри Дол денеска останала без тренер за мечот против Воска спорт во претпоследната рунда од второлигашката конкуренција на Западот, откако поранешниот помошник на селекторот Игор Ангеловски во македонската репрезентација, Џенгис Реџепи си заминал на 15 минути пред стартот на мечот, дознава Спорт1. 

Воска го доби дуелот со Беса со 3-0, откако прво промаши пенал, но потоа со два гола во првиот дел ги разреши сите дилеми за победникот и остана на три бода пред Вардар во пресрет на последното коло во кое на охриѓани сега им треба само еден бод за да го заверат баражот. Екипата на Нефи Усеини може да отпадне од баражот само со пораз од Силекс во Кратово, а со победа на Вардар во Дебар кај Кораб.

Неофицијалните шпекулации кои се вртат во фудбалските кулоари е дека Реџепи си заминал од кормилото поради притисокот дека Воска мора да го добие овој меч во тесната трка со Вардар.

Воска веќе неколкупати досега сезонава охридскиот тим имаше голема помош од судиите во клучни мечеви, со пенали пред сѐ во градските пресметки со Охрид Лихнидос.

Беса која беше во незавидна ситуација на полусезоната се препороди пролетва со Реџепи, па се спаси од испаѓање и е шестопласирана со 32 бода, три повеќе од седмиот Охрид, а пет од Кораб кој е на осмото место што води во Третата лига на едно коло до крајот на сезоната.

Реџепи му беше помошник на Ангеловски во златниот период на македонската репрезентација, кога првпат беше обезбеден историскиот пласман на Еуро 2020, а си замина од репрезентацијата по настапот на еврошампионатот, кога му заврши договорот на дотогашниот селектор и беше заменет со Благоја Милевски, кој си има свој стручен штаб, истиот од младата репрезентација.

Извор: Newz24live.com

Коментари

Популарно